Во тек се подготовките за заминување на дипломатот Крум Ефремов за амбасадор во Софија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
– Кога зборуваме за постапката за именување на амбасадори и генерални конзули, таа во одредена фаза е класифицирана и не смеам да коментирам за имиња. Кога се работи за амбасадорот во Софија, веќе постапката е во фаза да таа веќе не е класифициран податок и можам јавно да споделам дека наш амбасадор во Бугарија ќе биде амбасадорот Крум Ефремов, професионален дипломат, еден од поквалитетните, би рекол, дипломати според мое мислење, иако имаме одлични колеги во рамките на МНР, но навистина квалитетен наш дипломат, актуелен директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството, којшто служел како наш амбасадор во Украина во минатото и тој ќе биде наш амбасадор во Софија. Во моментот течат подготовките за негово заминување во Софија, рече Муцунски.
На новинарско прашање за предлогот за нов амбасадор во Атина, за којшто објавија дел од медиумите, Муцунски посочи дека не може да коментира бидејќи постапката е сè уште во фаза каде што е класифицирана и поради тоа не може да го коментира името на кандидатот за амбасадор во Атина.






