Македонија е подготвена да го внесе бугарското малцинство во Уставот, како што бара Европската комисија, изјави претседателот на македонскиот Парламент, Африм Гаши, но се бараат гаранции дека по грчката и бугарската блокада нема да се појават нови билатерални проблеми што ќе ја попречуваат земјата на патот кон европската интеграција.
– Како парламент сме целосно подготвени и имаме целосен консензус за внесување на Бугарите во Уставот. Но, потребни ни се предвидливост и гаранција дека тоа ќе биде последното барање на Бугарија или на некоја друга земја, за да не мораме и понатаму да го менуваме Уставот поради идентитетски прашања. Сметам дека сме една од земјите кандидатки што најмногу се жртвувале на европскиот пат. Го менувавме Уставот, државното име, па би сакале овој процес да заврши без проблеми во однос на идентитетот, јазикот и историјата – изјави Африм Гаши на прес-конференција по средбата со неговиот хрватски колега Гордан Јандроковиќ во Загреб.
Европската комисија на почетокот на месецот го објави Извештајот за напредокот на земјите аспирантки за членство во ЕУ, во кој беше истакнато дека Северна Македонија не ја исполнила обврската за измена на Уставот, во кој треба да ги наведе Бугарите како национално малцинство.
Бидејќи и Хрватска сака нејзиното малцинство да биде внесено во македонскиот Устав, Јандроковиќ изрази надеж дека тоа ќе се случи „кога ќе се создадат услови“.
– Се надеваме дека претставниците на хрватскиот народ кој живее во Македонија ќе бидат задоволни од напредокот во преговорите и дека, кога ќе се создадат услови, ќе добијат официјален статус на национално малцинство. Би сакале и Хрватите да бидат дел од тој процес и да бидат внесени во македонскиот Устав – додаде претседателот на хрватското Собрание.
Тој рече дека Северна Македонија и понатаму се соочува со блокади поврзани со идентитетските прашања. И покрај тоа што поминавме низ тешки компромиси, нашата посветеност на патот кон ЕУ останува непроменета, рече тој.
– Ќе продолжиме да ги спроведуваме реформите во однос на владеењето на правото, очекувајќи процесот на проширување да остане заснован на заслугите – додаде Гаши.
Трнлив пат, исполнет со неправди
Откако Грција го блокираше пристапниот процес на Скопје барајќи промена на името, Македонија го смени името во Северна Македонија. Со тоа ѝ беше отворен патот кон НАТО, но понатамошниот напредок го блокира Бугарија поради споровите околу историјата, јазикот и идентитетот.
Јандроковиќ ја спомена и „неправдата“ што му била нанесена на Скопје.
– Навистина е трнлив патот што Северна Македонија досега го помина. Имаше многу неправди, многу двојни стандарди и често одлуките беа на штета на нашите пријатели – рече тој, додавајќи дека се надева оти во блиска иднина ќе дојде до позитивни промени и дека Северна Македонија, согласно сопствените постигнувања и исполнувањето на стандардите, ќе продолжи напред кон ЕУ.
Иако и Јандроковиќ и Гаши го истакнаа пријателството и партнерството меѓу двете земји, како и помошта што Загреб му ја пружил на Скопје на патот кон европската интеграција, претседателот на хрватскиот парламент рече дека тоа не е доволно и посочи дека е потребно и меѓу големите членки да се постигне согласност дека Северна Македонија заслужува да биде членка.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во јуни годинава, за време на посетата на Скопје, рече дека „иднината на Северна Македонија е цврсто во Европската Унија“.
Тој ја пофали посветеноста и напорите на актуелната влада на Христијан Мицкоски, но истакна и дека уставните измени се единствениот начин на народот на Северна Македонија да му се овозможи да ги искористи сите придобивки од членството во Европската Унија.
Претседателот на Собранието истакна и дека Македонија изразила интерес за приклучување кон Иницијативата „Три мориња“ и дека има целосна поддршка од хрватската страна.
– Се надеваме дека Северна Македонија ќе ѝ се приклучи на оваа иницијатива веќе на следните состаноци – нагласи тој.
Иницијативата „Три мориња“ е политичко-економски форум на земјите сместени меѓу Балтичкото, Јадранското и Црното Море, основан во 2015 година на иницијатива на Хрватска и Полска.






