Илјадници обожаватели на Бони Тајлер се собраа на улиците на нејзиниот роден град на југот од Велс за да ѝ оддадат почит на пејачката.
Бони, чие право име беше Гејнор Саливан, неочекувано почина на 8 јули во Португалија во 75-тата година од животот, а сега нејзиниот ковчег е вратен во домот во кој некогаш живееше.
Поворката што минуваше долж „Њутан Роуд“ во Мамблс ја испратија бројни обожаватели.
Ковчегот на пејачката беше прекриен со велшкото знаме, а покрај него стоеше нејзина врамена фотографија. Обожавателите фрлаа цвеќе врз погребното возило, а собраните аплаудираа и го запеаја нејзиниот голем хит „Total Eclipse of the Heart“.
Мамблс беше домот на Тајлер во кој повремено престојуваше, имајќи предвид дека времето го поминуваше меѓу Алгарве во Португалија и големата викторијанска куќа во Блекпил, во близина на Мамблс, со поглед кон заливот Свонси.
Тајлер стана светски позната благодарение на нејзините поп-хитови, меѓу кои се „Total Eclipse of the Heart“ и „Holding Out for a Hero“.
Меѓу оние кои дојдоа да ѝ оддадат почит на пејачката беше и 18-годишната Кери Едвардс, за која Тајлер била голема инспирација.
„Нејзината музика допре до многу луѓе, посебно до мене. Прилично сум изненадена колку луѓе дојдоа денес, но од друга страна и не сум, бидејќи беше голема икона. Секогаш се враќаше дома и се грижеше да им се врати на своите обожаватели во Велс. Нејзините песни навистина допреа до многу луѓе овде во Велс, многу ја сакавме. Кога дознавме дека починала, на сите ни се скрши срцето и плачевме“, изјави младата обожавателка.
Мајкл Бон (58) и Алан Хокинс (54) допатувале од Дерби за да ја проследат поворката.
„Мислевме дека би било убаво да ѝ оддадеме почит на пејачката. Мене лично ова многу ми значи бидејќи нејзината музика беше многу присутна за време на моите тинејџерски години. За мене нејзиниот најпознат период беше оној од 1980-тите“, откри Бон.
За „Гардијан“ тој откри дека и бројни други обожаватели допатувале дури од Австрија за да присуствуваат на минувањето на поворката со ковчегот на Тајлер.
Меѓу нејзините останати хитови беа и „It’s a Heartache“ и „If You Were a Woman (And I Was a Man)“.
Го претставуваше Обединетото Кралство на Евровизија во 2013 година во Малме, Шведска, со песната „Believe in Me“, со која заврши на 19-то место.
Комеморацијата за животот на Бони Тајлер ќе се одржи во понеделник, на 17 август, во Свонси Минстер, во Црквата Света Марија. Влезот во црквата ќе биде дозволен само за лица со покани, но церемонијата ќе се прикажува на голем екран на блискиот Плоштад Св. Дејвид, каде што јавноста ќе може да ѝ оддаде почит.
По церемонијата, ковчегот на Тајлер за последен пат ќе помине низ нејзиното родно место Скјуен, по што ќе следи приватен собир наменет исклучиво за семејството и пријателите. Тајлер пораснала во социјален стан во Скјуен со пет постари браќа и сестри.
„Се сметам себеси за девојка од работничката класа и никогаш не престанав да работам. Настапувам многу често бидејќи чувствувам дека и другите луѓе би сакале да ги добијат можностите што ми се нудат мене“, изјави Тајлер за „Гардијан“ во 2013 година.






