Министерството за внатрешни работи соопшти дека кандидатот за вработување кој не бил повикан на проверка на моторичките способности не ја поминал административната селекција, која претставува прва фаза од постапката за избор.
Од МВР појаснуваат дека во административната селекција се проверува дали пријавата и доставената документација се целосни и дали кандидатот ги исполнува условите наведени во јавниот оглас. Доколку не ги исполнува пропишаните критериуми, постапката за тој кандидат завршува во оваа фаза.
Проверката на моторичките способности следува како наредна етапа од селекцискиот процес и на неа учествуваат само кандидатите кои успешно ја поминале административната проверка.
Од Министерството нагласуваат дека неповикувањето на кандидатот на тестирањето не значи дека не ги исполнувал физичките критериуми, туку дека не ги исполнил условите потребни за да продолжи во следната фаза од постапката.
МВР потсетува дека процесот на вработување се спроведува низ повеќе последователни фази, чиј редослед и критериуми се утврдени со законските и подзаконските прописи.






