домаШоубизЕвропски и светски премиери на Дума, Митиќ и Манчевски во Сараево; Македонија...

Европски и светски премиери на Дума, Митиќ и Манчевски во Сараево; Македонија со силно присуство на фестивалот, Сара Климоска – дел од жирито

- Advertisement -spot_img

Во натпреварувачка програма за долгометражен игран филм ќе се прикажат остварувањата „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, кој во Сараево ќе ја има својата европска премиера, потоа „17“ во режија на Косара Митиќ, на кој ова ќе му биде регионална премиера, како и македонската малцинска копродукција „Срам и пари“ во режија на Висар Морина. Македонската актерка Сара Климоска, пак, ќе биде дел од петчленото жири што ќе ги додели наградите „Срцето на Сараево“ за долгометражни играни филмови

Силно македонско присуство ќе го обележи годинашното 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал, кое ќе се одржи од 14 до 21 август, а ќе се отвори со биографскиот филм „Татковина“ (Fatherland) на познатиот режисер и оскаровец, Павел Павликовски.

Притоа, во главната натпреварувачка програма за долгометражен игран филм ќе бидат прикажани остварувањата „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, кој во Сараево ќе ја има својата европска премиера, потоа „17“ во режија на Косара Митиќ, на кој ова ќе му биде регионална премиера, како и македонската малцинска копродукција (Лист продукција) „Срам и пари“ во режија на Висар Морина. Филмовите ќе се борат за престижната награда „Срцето на Сараево“.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи приказната на сестрите Адела и Зара, кои растат во средина во која економската неизвесност, семејните околности и општествените правила сè повеќе ги ограничуваат нивните избори. Нивната блискост е ставена на тест кога традиционалните очекувања се закануваат да ги разделат. Преку нивната лична приказна, филмот отвора теми за женското растење, слободата, солидарноста и за правото на сопствен избор. Сценариото го потпишуваат режисерката Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска. Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимет Абдула. Филмот, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а е реализиран со финансиска поддршка на македонската Агенција за филм. Неодамна филмот ја освои наградата „Камингс“ во категоријата „Во духот на слободата“ на 43. Филмски фестивал во Ерусалим, а својата светска премиера ја имаше на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк, каде што Дума ја освои престижната награда „Нора Ефрон“.

„17“

Филмот „17“, првенецот на Митиќ, пак, е драма во чиј фокус е 17-годишната Сара. Во текот на училишната екскурзија, која целосно излегува од контрола, Сара крие тешка лична тајна. Ситуацијата кулминира кога таа станува сведок на сексуален напад врз нејзината соученичка Лина. Наместо да молчат пред секојдневното насилство, двете девојки развиваат нераскинлива и силна врска и солидарност што засекогаш ќе ги промени нивните животи. Филмот суптилно ги истражува темите на траумата кај тинејџерите, созревањето и кршењето на молкот. Неодамна филмот ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим, кое се одржа од 9 до 19 јули, а својата светска премиера ја имаше во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал. Главните улоги во филмот ги толкуваат Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а настапуваат и: Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски. Режисерката Митиќ го потпишува сценариото на „17“ заедно со хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски. Филмот „17“, во продукција на „Црна мачка“, е македонско-српско-словенечка копродукција.

„Добри луѓе“

Во натпреварувачката програма за документарен филм ќе се прикаже, пак, „Добри луѓе“, долгометражен документарец на Милчо Манчевски, посветен на жртвите од пожарот во ноќниот клуб во Кочани во 2025 година, кој во Сараево ќе ја доживее својата светска премиера (16 август). „Добри луѓе“ е прв долгометражен документарен филм на Манчевски. Филмот претставува воздржана и длабока медитација за трагедијата, тагата и за солидарноста, а се однесува на катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година. Преку директни сведоштва на преживеаните, на семејствата на жртвите и на тивките херои што спасувале животи, Манчевски им дава глас на засегнатите и ја прикажува силата на заедницата соочена со огромната трагедија. Филмот е снимен без државна поддршка, со сопствени средства на режисерот, во знак на почит кон жртвите.

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска, пак, ќе биде прикажан во селекцијата „Во фокус“, со што ќе ја има својата босанскохерцеговска премиера.

Македонското присуство на фестивалот е дополнето и со уште три меѓународни копродукции, и тоа „Berna’s Eyes“ во режија на Ермал Гердовци, со македонскиот копродуцент „Слобода филм“, во краткометражната програма „Vienna Triangle“; „The Lost Son“ во режија на Дарко Штанте, со македонскиот копродуцент „Кавал филм“, во Open Air Premiere; и „Our Father“ во режија на Горан Станковиќ, со македонскиот копродуцент „Дрим фектори“, во BH Film Programme.

Воедно, во рамките на индустриската програма, директорот на Агенциjaта за филм, Сашко Мицевски, ќе учествува на панел-дискусиjaта „Вештачката интелигенција во филмскиот и аудиовизуелниот сектор: Закана или алатка“, а режисерката Дина Дума ќе учествува како говорник и ментор во рамките на „Таленти Сараево“ (Talents Sarajevo).

Петчленото жири што ќе ги додели наградите „Срцето на Сараево“ за долгометражни играни филмови е составено од британска актерка Емили Вотсон (претседателка на жирито), македонската актерка Сара Климоска, хрватскиот режисер Игор Безиновиќ, директорот на Европската филмска академија, Матаис Ваутер Кнол, и од грчката режисерка Атина Рашел Цангари.

Сара Климоска во „Преекспонирано“

По дипломирањето на ФДУ, Климоска гради успешна кариера на домашната и на меѓународната филмска и телевизиска сцена. Таа е дел од ансамблот на Драмски во Скопје, а нејзината најнова главна филмска улога е во „Збогум, Копакабано“ на Манчевски, чија премиера е најавена за годинава. Играше и по филмовите „Врба“ и „Кајмак“, исто така на Манчевски. Меѓу нејзините позначајни филмски улоги се и оние во „Нема да бидеш сама“ и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски,  „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова и во „Баук“ на Горан Радовановиќ. Во 2022 беше номинирана за ТВ-наградата „Срцето на Сараево“ за улогата во телевизиската серија „Мочуриште“, а една година претходно ја доби престижната награда „Шутинг старс“ што ја доделува платформата „Европска филмска промоција“, за улогата во „Лена и Владимир“ на Игор Алексов. Климоска дебитираше и како режисерка со краткиот филм „Нова енергија“, а во моментов го развива својот втор краток филм „Врзани“.

Инаку, на годинашниот Сараевски фестивал, Азгар Фаради, познатиот ирански режисер и двоен оскаровец, е главен почесен гостин и ќе го прими признанието „Почесното срце на Сараево“, а фестивалот ќе прикаже и ретроспектива на неговите филмови во рамките на програмата „Почит кон“ (Tribute to). Претседателката на жирито, Емили Вотсон, исто така ќе добие „Почесно срце на Сараево“, како и познатиот мексикански актер и режисер, Диего Луна. (Н. И. Т.)

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img