Речиси десет месеци по локалните избори, членовите на избирачките одбори во Могила се уште чекаат да ги добијат надоместоците за својот ангажман. Од Државната изборна комисија велат дека, покрај Могила, уште четири општини Крива Паланка, Чешиново-Облешево, Струмица и Валандово, воопшто не ги исплатиле надоместоците, а во шест исплатата е извршена само делумно.
„Освен укажување до општините, што неколку пати е направено, и минатата година со цел навремено да се предвидат средства за оваа намена во општинските буџети, и оваа година со неколку дописи, ДИК друга надлежност нема, ниту пак механизам за постапување по законските обврски за исплата на надоместоците на изборните органи за Локалните избори 2025“, велат од ДИК.
Од ДИК велат дека членовите на изборните органи своите права треба да ги бараат пред надлежните општини, бидејќи исплатата на надоместоците е нивна законска обврска. Поради ваквите случаи веќе предложиле измени на Изборниот законик.
„Предлагаме ДИК во целост да ја преземе исплатата на надоместоците за сите изборни органи, за сите видови избори и референдум. Во последниот случај увидовме дека сегашниот начин на поделени надлежности меѓу ДИК и општините создава непотребни застои. “ велат од ДИК.
Инаку, во мај годинава ДИК обезбеди исплата на надоместоците за 11 општини со блокирани сметки. Општините во кои се уште доцнат исплатите не се меѓу нив.
Локалните избори се одржаа на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември минатата година. Од Општина Могила не одговорија зошто 10 месеци не се исплатени парите за луѓето што го спроведоа гласањето на ланските избори.






