Директорот на Клиничка болница Штип преку објава на социјалните мрежи се огласи по реакциите и коментарите поврзани со случајот на пациентка која по царски рез развила невролошки симптоми.
Тој информира дека пациентката била породена со царски рез, а постоперативниот тек поминал уредно, по што била испишана од болницата во добра општа состојба. Според неговите наводи, по одреден период по отпустот, таа се јавила во регионална болница со изразена слабост на долните екстремитети, при што со дополнителни испитувања била утврдена промена во спиналниот канал на високо торакално ниво.
Директорот посочува дека, според анатомската поставеност, промената не се наоѓа во регијата каде што се аплицира спиналната анестезија, која се изведува во лумбалниот дел од ‘рбетниот столб. Поради тоа, како што наведува, според негова проценка, ваквата промена не може да се поврзе со спиналната анестезија дадена при царскиот рез.
Во објавата нагласува дека Клиничка болница Штип останува посветена на стручно, одговорно и транспарентно информирање на јавноста и апелира да не се шират непроверени информации кои можат да предизвикаат вознемиреност кај пациентите и недоверба кон здравствените работници.
Тој упати повик и до медиумите, новинарите, лекарите, стручните здруженија и другите јавни чинители да не носат заклучоци за евентуална лекарска грешка пред да заврши целокупната стручна и институционална постапка. Доколку надлежните институции утврдат дека нема лекарска грешка, директорот очекува јавно коригирање на неточните информации и извинување кон медицинскиот персонал.
Воедно, открива дека, според добиените информации, ќе биде формиран стручен тим кој ќе го испита случајот. Доколку се утврди лекарска грешка, порача дека ќе има одговорност и од персоналот, но и од него како директор на болницата.






