Автор: Емил Кирјас, Кирјас Глобал
Сега да погледнеме што всушност на маса ги ставија Париз и Берлин. Тие недвосмислено повикуваат на постепена интеграција заснована на заслуги — “процесно ориентиран пристап“ што ги поедноставува претерано формализираните меѓучекори и ги спојува административните процедури, така што суштинскиот напредок ќе биде поважен од механичкото исполнување на бирократски барања. Во документот се предлага пристапен пакет од постепени интеграциски чекори („building blocks“), при што секој успешно завршен чекор ги доближува земјите-кандидати до Европската Унија.
Истовремено, секој од тие чекори останува реверзибилен, односно може да биде повлечен доколку земјата назадува во реформите. А токму кога доаѓаат конкретните „building blocks“, признавам дека неколкупати се вратив на текстот. Речиси секоја идеја ми звучеше познато.
Првиот предвидува постепен набљудувачки статус во институциите на Европската Унија — заеднички состаноци на Европската Комисија и европратениците со претставници на земјите од Западен Балкан и Молдавија, почести седници на заедничките парламентарни комитети и учество на неформални состаноци на Европскиот совет и Советот на ЕУ.
Архитектурата е препознатлива и таа директно потсетува на институционалното вклучување што го побаравме со Љубљанската декларација во 2021 година. Но, токму на ова прашање ќе се навратам подоцна, затоа што токму тука предлогот е значително помалку амбициозен отколку што
изгледа на прв поглед.
Следува набљудувачки статус во Советот на Европската Унија, без право на глас, кој би се активирал по затворањето на соодветните преговарачки поглавја, како и набљудувачки статус во Советот за надворешни работи, по привременото затворање на Поглавје 31 за надворешна, безбедносна и одбранбена политика. Токму ова е постепената институционална интеграција поврзана со реалниот напредок што му ја претставив на еврокомесарот Јоханес Хан, уште во 2018 година:права и обврски што произлегуваат од постигнатите резултати, а не од однапред зададен календар.
Документот предлага и значително продлабочена безбедносна и одбранбена соработка — вклучување во проектите на PESCO, подлабока интеграција со Frontex, приклучување кон европската агенција за сајбер-безбедност и системите за рано предупредување, веднаш по привременото затворање на Поглавјето 31. Тоа е суштината на аргументот што го застапував уште во 2018 година: не смееме да оставаме геополитички празнини во Европа.
Безбедноста не може да чека додека не се потпише последното поглавје од пристапните преговори. Таа мора да започне многу порано, затоа што геополитичкиот вакуум не го интересира темпото на бриселската бирократија.
Следниот пакет се однесува на учество во програмите на Европската Унија — Erasmus+, Horizon Europe, Creative Europe, Digital Europe, заеднички јавни набавки, Technical Support Instrument, Twinning и TAIEX — секогаш врз основа на исполнување на релевантните европски стандарди.
Потоа следува секторска интеграција во Единствениот европски пазар: приклучување кон SEPA, укинување на роамингот преку моделот Roam Like at Home, интеграција во Транспортната заедница, договори за индустриска усогласеност, европскиот енергетски пазар, Системот за тргување со емисии (ETS), „зелени ленти“, политиките за критични суровини, индустриската политика и Дигиталниот единствен пазар — при што секој сегмент се отвора со затворањето на соодветното преговарачко поглавје.
И конечно, Документот предвидува целосно учество во Единствениот пазар преку моделот ЕЕА+, откако земјата-кандидат ќе ги усвои и привремено ќе ги затвори сите поглавја од Кластерите 1 до 5. Тоа практично претставува економско сидро какво што ние предложивме преку Регионалниот економски пазар во 2021 година — но сега подигнато на повисоко ниво, како вистинска економска унија што му претходи на полноправното членство.
Ако двата документа се стават еден покрај друг, архитектурата е речиси идентична. Онаму каде што ние зборувавме за “постепено стекнување права поврзани со напредокот“, Париз и Берлин денес зборуваат за „интеграциски чекори засновани на заслуги“. Онаму каде што ние баравме набљудувачки статус пред полноправното членство, тие денес предлагаат постепен набљудувачки статус во институциите на Европската Унија. Онаму каде што ние инсистиравме на економско вкотвување преку Регионалниот економски пазар, тие денес зборуваат за ЕЕА+ модел. Француско-германските дипломати можеби го усовршиле речникот. Но претставената архитектура е токму онаа која ја предложивме повеќе години порано.






