Второлигашите продолжуваат со активности на трансфер пазарот со цел максимално засилени и со квалитетен ростер да влезат во новата сезона која започнува на 15 август.
Повратникот Еуромилк ГЛ се засили со Стојан Попоски, кој доаѓа од редовите на Охрид, а 25-годишниот десен бек низ кариерата настапуваше и за Брегалница, Скопје, Борец, Кадино и Њу Старс. Во Првата македонска фудбалска лига има забележано шест настапи со 450 минути на фудбалските терени.
Осогово од Кочани договори квалитетно засилување, станува збор за 22-годишниот Ерион Шуку кој носи и прволигашко искуство. Шуку доаѓа од редовите на Беласица, станува збор за поранешен младински репрезентативец, а низ кариерата беше дел од Шкупи, Скопје, Арсими, и Слога од Виница.
Во Прват амакедонска фудбалска лига бележи 12 натпревари со три погодоци, два настапи има и во Купот на Македонија, а еден меч одигра и во квалификациите на Конференциската лига на УЕФА.
Новото засилување на Пелистер, Костадин Капсаров е среќен за трансферот во Пелистер, најдобриот стрелец на Брегалница од минатата сезона вели дека во Битола доаѓа полн со мотивација и желба за докажување.
„Среќен сум што станав дел од Пелистер. Одлучив да дојдам тука поради одличните услови за работа, добрата средина за напредок и амбициозниот проект на клубот. Доаѓам полн со мотивација и желба да се докажам верувам дека заедно ќе успееме да го вратиме Пелистер таму каде што припаѓа. Со нетрпение очекувам да заиграм пред битолската публика и ќе дадам се’ од себе за да ја оправдам довербата“, вели Капсаров по промоцијата во Пелистер.
Летните преоден рок е отворен до 6 септември, а во следните денови се очекува поголемо раздвижување на трансфер пазарот кај второлигашите.
Александар Ванев, М-Нет






