домаМакедонијаВладата на Маѓар ќе го истражува унгарскиот кредит од една милијарда евра...

Владата на Маѓар ќе го истражува унгарскиот кредит од една милијарда евра за Македонија

- Advertisement -spot_img

Според унгарскиот премиер, каматната стапка по која државната „Ексимбанка“ ѝ го дала кредитот на Македонија е далеку поповолна од оние каматни стапки по кои унгарските компании и граѓаните на земјата добиваат заеми, но и од стапката по која самата унгарска држава зема кредити. Петер Маѓар на денешниот брифинг со новинарите во Будимпешта исто така ја покрена можноста дека владата на Орбан ги користела парите наменети за поддршка на унгарските бизниси, за да ја консолидира моќта и довербата на својот надворешен политички сојузник, а можеби и да стави одредени пријателски компании во подобра позиција.

Новата унгарска влада ќе истражува дали има можна злоупотреба на државни средства во однос на кредитот од една милијарда евра што државната „Ексимбанка“ ѝ го даде на С Македонија за време на претходната влада на Виктор Орбан.

Ова денеска на брифинг со новинарите го соопшти новиот унгарскиот премиер, Петер Маѓар, кој, како што пренесоа тамошните медиуми, сподели дека кредитот што го доби Македонија е еден од четирите случаи поврзани со „Ексимбанка“ за кој денеска Министерството за економија и енергетика поднело жалби, односно иницијативи за проверка на трошењето на парите на унгарските даночни обврзници.

„Министерството за економија и енергетика поднесе четири жалби во четврток за наводна измама во вкупна вредност од илјада милијарди форинти, во четири различни случаи. Сите се однесуваат на активностите на ‘Ексимбанк’, рече премиерот Маѓар.

Говорејќи за заемот на Македонија, унгарскиот премиер наведе дека тој бил даден под многу поволни услови со каматна стапка од 3,25 проценти.

Заемот, како што рече тој, ќе го чини унгарскиот буџет 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра) поради каматните разлики, а целиот ризик од заемот го покрива унгарската држава.

„Ова претставува товар од 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра) за унгарскиот буџет, а унгарската држава презеде 100-процентна гаранција за заемот под водство на владата на Орбан“, рече Маѓар.

Според унгарскиот премиер, каматната стапка по која државната „Ексимбанка“ ѝ го дала кредитот на Македонија е далеку поповолна од оние каматни стапки по кои унгарските компании и граѓаните на земјата добиваат заеми, но и од стапката по која самата унгарска држава зема кредити. Во тој контекст, тој, како пример, ја спомена нуклеарната централа „Пакш“, за која Унгарија добила средства со многу повисока камата, како што тоа било случај и во многу други трансакции.

Дополнително, Маѓар, како што пренесоа унгарските медиуми, оценил дека владата на неговиот претходник Виктор Орбан, наместо да ги поддржува унгарските бизниси, дала преференцијален заем од неколку стотици милијарди форинти од јавни средства на Македонија, иако земјава била класифицирана како ризична, во финансиска смисла.

Унгарскиот премиер рече дека договорот за заемот бил направен под велот на голема тајност. Ова рече го покажува фактот што унгарската јавност била информирана за втората транша од заем од 500 милиони евра од македонскиот премиер Христијан Мицкоски, пред тоа да го соопшти владата на Орбан, која ги обезбедила парите.

Маѓар, исто така ја покрена можноста дека владата на Орбан ги користела парите наменети за поддршка на унгарските бизниси за да ја консолидира моќта и довербата на својот надворешен политички сојузник, а можеби и да стави одредени пријателски компании во подобра позиција.

„Владата на Тиса не сака и нема да објави пресуда во овие случаи, бидејќи тоа ќе биде задача на истражните органи, а подоцна и на судството“, рече Маѓар.

Тој, според унгарските медиуми, јасно ставил до знаење дека Владата ќе обезбеди секаква потребна помош за да се утврди дали во случаите што ќе се испитуваат има елементи на кривични дела, и доколку се покаже дека тоа е случај, колкава е нивната сериозност и каде се парите на унгарските даночни обврзници.

„Вкупната вредност на четирите случаи што се испитуваат е приближно 1 000 милијарди форинти (речиси 3 милијарди евра), додека длабинската проверка и поднесувањето на потребните жалби сè уште се во тек во ‘Ексимбанк’ и државните компании под надлежност на Министерството за економија и енергетика“, соопшти Маѓар на брифингот.

Инаку, еден од случаите што ќе се испитуваат е за заем за хотелот „Софител“ на унгарскиот милијардер Иштван Таборч, кој му е зет на поранешниот премиер Виктор Орбан. Други два случаи на вакви заеми со многу пониска каматна стапка се во Египет за набавка на железнички вагони и за изградба на мост меѓу Замбија и ДР Конго. На прес-конференцијата Петер Маѓар рече дека во сите овие зделки многу важна улога играл поранешниот шеф на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

За потсетување, заемот за Македонија беше договорен кон средината на јули 2024 година од страна на премиерот Христијан Мицкоски, кратко по преземањето на власта, и тогашниот негов унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Подоцна, истата година Македонија склучи два договора со унгарската „Ексимбанк“, секој во вредност од 500 милиони евра. Првиот беше потпишан на 8 октомври, со рок на отплата од 15 години, тригодишен грејс-период и фиксна камата од 3,25 проценти. Од првите 500 милиони евра, 250 милиони беа наменети за кредитирање домашни компании преку Развојната банка и комерцијалните банки, додека другиот дел беше поврзан со општински проекти и одржување на буџетската ликвидност.

Вториот заем од 500 милиони евра беше потпишан во декември 2024 година. Парите беа наменети за отплата на еврообврзницата издадена во 2018 година, која достаса во јануари 2025 година.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img