Најновиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека до 92 проценти од луѓето ширум светот ќе бидат погодени од ракот на некаков начин, но експертите нагласуваат дека ова не значи дека толкав процент ќе развие малигно заболување.
Според СЗО, бројката ги опфаќа не само пациентите, туку и нивните најблиски – членовите на семејството, пријателите, старателите и сите кои ќе се соочат со последиците од болеста во текот на животот.
Во исто време, организацијата предупредува дека бројот на нови случаи на рак продолжува да расте. Проценките покажуваат дека до 2050 година во светот би можеле да се регистрираат речиси 35 милиони нови случаи годишно, главно поради стареењето на населението и порастот на глобалната популација.
Сепак, ризикот за поединецот е значително помал од бројката од 92 проценти. Според актуелните проценки, околу едно од пет лица ќе добие дијагноза на рак во текот на животот.
СЗО предупредува и на големите разлики меѓу земјите во пристапот до дијагностика и современ третман. Затоа, експертите апелираат на поголеми инвестиции во превенција, скрининг-програми и рано откривање на болеста.
Организацијата потсетува дека здравите животни навики – непушење, ограничување на алкохолот, редовна физичка активност, одржување здрава телесна тежина и балансирана исхрана – можат значително да го намалат ризикот од развој на одредени видови рак, додека навремените превентивни прегледи овозможуваат рано откривање и поуспешно лекување.






