Изборниот законик повторно стана една од главните политички теми. По четиримесечни разговори во Министерството за правда и средби меѓу политичките партии, договор сè уште нема, а меѓусебните обвинувања стануваат сè поостри.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на критиките на опозицијата, се повика на изјавата на еврокомесарката Марта Кос, која при посетата на Скопје порача дека изборните реформи се дел од процесот на европска интеграција и дека за нив е потребен политички консензус.
Од СДСМ, пак, обвинија дека Владата манипулира со јавноста претставувајќи ги измените што ги предлага како европски услов. Според партијата, Европската Унија не бара Изборен законик по мерка на која било политичка партија, туку кредибилни и фер избори, независно судство и поефикасна борба против корупцијата.
Во дебатата се вклучи и Левица, која оцени дека СДСМ не прифатил опозициско обединување околу моделот со една изборна единица. Од партијата тврдат дека постои политички интерес сегашниот изборен модел да остане непроменет, бидејќи им одговара на најголемите партии.
И додека политичките партии разменуваат обвинувања, во втор план останува суштинската расправа – што всушност треба да донесе новиот Изборен законик.
Изборните правила не се обичен закон, тие ги дефинираат условите под кои се избира власта и затоа нивните измени традиционално се сметаат за едни од најчувствителните политички реформи. Токму поради тоа, Европската Унија, како и ОБСЕ/ОДИХР, со години препорачуваат ваквите измени да бидат резултат на широк политички консензус и да не се носат непосредно пред изборен циклус.
Во јавноста, сепак, многу помалку се зборува за содржината на предложените измени отколку за политичките позиции околу нив. Прашањата дали новите решенија ќе ја зголемат довербата во изборниот процес, дали ќе ги имплементираат долгогодишните препораки на меѓународните набљудувачи и дали ќе создадат пофер изборни услови остануваат во сенка на дневно-политичките пресметки.
Токму тука е и најголемиот предизвик. Изборниот законик е значително повеќе од политички договор меѓу власта и опозицијата. Тој треба да биде основа за изборен процес во кој доверба ќе имаат и политичките партии и граѓаните. Без таква доверба, секоја следна изборна кампања ризикува повторно да започне со истите обвинувања што Македонија ги слуша со години.






