домаТехнологијаWi-Fi 8: Новата генерација на безжичен интернет нема да се фокусира на...

Wi-Fi 8: Новата генерација на безжичен интернет нема да се фокусира на брзината, туку на постабилна врска

- Advertisement -spot_img

Wi-Fi 8 носи поинаков фокус од претходните генерации, со посигурна конекција, помало доцнење и подобра покриеност. Производителите на чипови и рутери веќе зборуваат за стандардот Wi-Fi 8, иако тој сè уште не е целосно финализиран. За разлика од претходните генерации, новата верзија нема првенствено да се стреми кон повисоки брзини на пренос. Наместо тоа, фокусот се префрла кон стабилноста, сигурноста, пониската латентност и подоброто функционирање на мрежата кога уредите се движат низ просторот.

Wi-Fi 8, според досегашниот систем на именување, ќе ја носи ознаката IEEE 802.11bn. За споредба, Wi-Fi 7 е IEEE 802.11be, додека Wi-Fi 6 беше IEEE 802.11ax. Како и претходните генерации, Wi-Fi 8 ќе биде компатибилен со постарите уреди, што значи дека новите рутери ќе работат и со телефони, лаптопи и телевизори што користат постари Wi-Fi стандарди. Сепак, за да се искористат новите можности, ќе бидат потребни и уреди што поддржуваат Wi-Fi 8.

Најважниот концепт кај Wi-Fi 8 е Ultra High Reliability (исклучително висока сигурност). Додека Wi-Fi 7 беше насочен кон Extremely High Throughput (исклучително висок проток на податоци), Wi-Fi 8 се обидува да ги реши секојдневните проблеми како што се прекини на врската, „мртви зони“, неефикасно префрлање меѓу пристапните точки и доцнење при онлајн игри, видеоповици и стриминг.

Една од најзначајните новини е Multi-Access Point Coordination. Овој сет функции им овозможува на пристапните точки подобро да соработуваат наместо меѓусебно да создаваат пречки. Тоа треба да придонесе за подобра покриеност, помалку интерференции и постабилна работа на mesh мрежите.

Wi-Fi 8 носи поголема сигурност, помала латентност и подобро префрлање меѓу пристапните точки

Функцијата Seamless Roaming Domain е наменета за проблемите што често се јавуваат во поголеми станови и куќи со повеќе рутери или mesh јазли. Кога телефонот, лаптопот или таблетот се префрла од една пристапна точка на друга, може да дојде до краток прекин, баферирање на видеото или прекин на повикот. Wi-Fi 8 има цел да го намали доцнењето и загубата на пакети при ова префрлање.

Функцијата Low Latency Indication им овозможува на уредите да ѝ сигнализираат на мрежата колку им е важна ниската латентност. На пример, онлајн игрите, cloud стримингот или деловните видеоповици можат да добијат приоритет во однос на активности што се помалку чувствителни, како што е обичното гледање видео. Во комбинација со понапредните QoS функции, ова треба да овозможи попаметно распределување на приоритетите во домашната мрежа.

Wi-Fi 8 носи и подобра соработка со другите безжични технологии во истиот уред. Bluetooth, Thread и Zigbee понекогаш можат да влијаат врз Wi-Fi перформансите, особено кај паметните телефони и уредите за паметен дом. Функцијата In-Device Coexistence треба да ги намали овие пречки и да овозможи подобра координација меѓу различните безжични системи.

Extended Long Range е уште една корисна функција, бидејќи овозможува постабилна врска на поголема оддалеченост од рутерот. Во комбинација со технологијата Distributed-Tone Resource Unit, сигналот треба да остане посигурен и во најоддалечените делови од станот или куќата, без потреба од додавање нови пристапни точки.

Во споредба со Wi-Fi 7, Wi-Fi 8 на хартија не изгледа како голем чекор напред во однос на брзината. Теоретскиот максимум останува 46 Gb/s, се користат истите фреквенциски опсези од 2,4 GHz, 5 GHz и 6 GHz, а максималната ширина на каналот останува 320 MHz. Разликата е во тоа што Wi-Fi 8 има цел постојната брзина да ја направи покорисна и постабилна во реални услови.

Тоа значи дека корисниците кои веќе имаат квалитетен Wi-Fi 7 систем можеби нема веднаш да почувствуваат потреба од надградба. Wi-Fi 8 ќе биде поинтересен за оние што живеат во згради со голем број безжични мрежи, имаат поголеми станови или куќи, користат mesh системи, играат онлајн игри или често одржуваат видеоповици.

Официјалната Wi-Fi 8 сертификација се очекува околу 2028 година, бидејќи сертификацијата за Wi-Fi 7 беше објавена во јануари 2024 година, а новите стандарди обично бараат четири до пет години за целосно да бидат дефинирани и усвоени. Сепак, производителите на чипови веќе работат на Wi-Fi 8 решенија, а некои производители на рутери најавуваат и први уреди пред крајот на 2026 година.

Тоа, сепак, не значи дека треба да се брза со купување. Како и кај Wi-Fi 7, првите уреди најверојатно ќе бидат скапи, а вистинските придобивки нема да бидат подеднакво забележливи кај сите корисници. За повеќето, најразумно е да се почека официјалната сертификација, позрели производи и пониски цени.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img