Охридско лето е највисока промоција од културата и уметноста која се случува во Македонија. Углед граден со децении низ регионот и светот. Годинава е отоворено по 66-ти пат.
Со гала концертот на оперската дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од САД, во придружба на Оркестарот на Македонската опера под диригентска управа на маестро Марко Боеми од Италија вечерва е отворено годинашното „Охридско лето“.

Министерот за култура Зоран Љутков истакна дека културата е најсилниот чувар на националниот идентитет и предуслов за достоинствено постоење на државата. Тој оцени дека фестивалот не е само уметничка манифестација, туку симбол на духовната традиција и потврда дека Македонија отсекогаш ја препознавала културата како стратешка вредност.
Во обраќањето нагласи дека во изминатите две години македонската култура била вратена на местото што и припаѓа преку државна културна политика, додавајќи дека иднината на секоја држава се обезбедува преку вложување во културата, која создава траење, припадност и колективно паметење.
Говорот го заокружи со порака за универзалната моќ на уметноста, порачувајќи дека таа е јазик што ги поврзува народите и ги надминува сите граници.
– Со институции ја браниме државноста, со труд економијата, со закони демократијата. Но, иднината ја обезбедуваме единствено со културата. Зашто само таа создава траење. Само таа создава припадност. Само таа создава паметење, рече меѓу другото Љутков.
Во име на уметниците кои настапуваат на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата обраќање имаше оперскиот пејач Игор Дурловски, кој ја посочи силата на уметноста да го менува човекот, неговата перцепција, чувствителност и начинот на кој го разбира светот…

Тој истакна дека во време на брзи промени, во кое политиката, науката, технологијата и економијата го обликуваат секојдневието, уметноста останува простор што ја зачувува човечноста, размислувањето и способноста да се чувствуваат и разберат другите.
– Уметноста која не може да го промени светот директно, но го менува човекот кој живее во тој свет. Таа ја менува нашата перцепција, ја буди нашата чувствителност, нè навраќа на работите што сме ги заборавиле, што не ги забележуваме, рече тој.
Според него, задачата на уметноста денес не е да го „спаси“ светот, туку да спречи човештвото да стане рамнодушно, потсетувајќи дека зад секоја статистика постои човек, зад секоја граница – приказна, а зад секоја разлика – нешто што ги поврзува луѓето.
Во своето обраќање, оперскиот пејач ја истакна и улогата на малите земји во светската култура, нагласувајќи дека нивната сила не се мери со територијата или бројот на жители, туку со приказните, наследството и придонесот во големиот културен дијалог на човештвото.
Говорејќи за Македонија, Дурловски посочи дека земјата има длабока историска меморија и богатство создадено низ средбата на различни култури, јазици и цивилизации.
– Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба, порача Дурловски.
Тој го заврши обраќањето со порака дека во Охрид, градот каде што вековите „разговараат меѓу себе“, уметноста треба да продолжи да биде најубавата порака до светот – порака за потребата од убавина, смисла и надеж…
Фестивалот оваа година содржи вкупно 48 настани, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот, што дополнително ја потврдува неговата меѓународната димензија и позиција на светската културната мапа.

На фестивалските сцени низ Охрид ќе продефилираат светски афирмирани уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон, како и истакнатиот пијанист Вадим Холоденко…
Фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на бројни камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот, како и престижната регионална Загребска филхармонија под диригентската палка на Давид Рунц, која доаѓа во полн состав со 70 изведувачи на сцена.
За првпат, фестивалот ќе биде домаќин на два интернационални симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот симфониски оркестар „Нингбо“, препознатлив по своите динамични настапи и уметничка впечатливост.
Драмската програма и оваа година зазема значајно место во фестивалската понуда.
Публиката ќе има можност да проследи повеќе премиерни и гостински театарски продукции, меѓу кои премиерата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, претставата „Кориолајн“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски, еден од најочекуваните театарски настани што премиерно ќе биде изведен на Свеченото затворање на фестивалот.
На барање на публиката, по успешната џез-вечер минатата година, на сцената на Долни Сарај ќе се реализира програмата „OH JAZZ“ (Охрид џез), во чии рамки се предвидени четири спектакуларни џез-вечери со учество на врвни домашни и странски музичари, меѓу кои светската џез-ѕвезда Нубаја Гарсија, резидент артистот Петер Сомуа, како и настапот на Националниот џез оркестар на Македонија.
Во рамките на програмата ќе се одржат и значајни јубилејни настани, меѓу кои и одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, со промоција на монографија посветена на нејзиниот лик и дело.
Фестивалот ќе ги отвори своите сцени и за младите уметници, преку програмите „Rising stars“ и „Подиум на млади“, со што продолжува поддршката на новите генерации таленти и нивниот уметнички развој.






