Парламентарното мнозинство на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ се зголемува и брои 59 пратеници, Демократската партија на Турците на Македонија се приклучува кон коалицијата, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Со потпишување на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Со ова, додаде тој, парламентарното мнозинство добива уште еден пратеник дополнително, а пратеничката група на коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент ќе брои 59 пратеници.
Додаде дека турската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата. Нашата соработка, додаде Мицкоски, е доказ дека вистинските политики ги поврзуваат луѓето, а не ги разделуваат, и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност.






