Самостојната изложба „Огледало на срцето Одек на чувствата“ на академската уметница Марија Чепишева ќе биде отворена на 9 јули во 20 часот во галеријата ОСТЕН. Проектот претставува визуелно, звучно, сетилно и емотивно патување низ различните манифестации на храброста и човечката внатрешна сила.
Изложбата ја поставува храброста како поширок поим кој не се однесува само на физичката издржливост, туку и на способноста да се истрае низ тешкотии, да се зачува љубовта и да се создаде нова визија од животните предизвици.

Поставката содржи 26 дела, број кој симболично ја претставува спиралата на човечкиот живот исполнет со искушенија, падови и победи. Делата се изработени во комбинирани техники на различни подлоги, меѓу кои платно, тврда подлога и форекс, при што материјалите стануваат дел од визуелниот јазик на уметничкото дело.
Преку богатството на текстури и колористички контрасти, Чепишева ги истражува спротивностите што го обликуваат човечкото искуство, како светлината и сенката, убавината и несовршеноста, љубовта и тагата, стравот и храброста.
„Огледало на срцето Одек на чувствата“ ја претставува моќта што произлегува од најдлабоките слоеви на човековата психа и моментот кога скриените емоции и внатрешни сили добиваат визуелна форма.
Марија Чепишева е родена во 1975 година во Скопје. Во 1999 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика во класата на професор Димитар Малиданов, а графички дизајн изучувала кај професор Костадин Танчев Динка.
Во 2023 година се стекнала со звање магистер по ликовни науки графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, под менторство на професор доктор Трајче Блажевски и академик професор доктор Фехим Хусковиќ.
Чепишева е членка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1999 година и има добиено повеќе признанија, меѓу кои Големата графичка награда на ДЛУМ, Откупната награда на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, наградата „Остенов уметник на годината“ за 2024 година и наградата на Културно информативниот центар Скопје за ликовно творештво во мал формат во 2025 година.






