Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска на Самитот на НАТО ќе се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.
Во пресрет на самитот на НАТО, Сиљановска Давкова синоќа присуствуваше на приемот организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
– Во духот на сојузништвото и меѓусебната почит, со шефовите на држави и влади разменивме мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство. Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста, објави претседателката на Фејсбук.






