Како што можевме да видиме претходно од бета верзијата на апликација, WhatsApp официјално започна со воведување на кориснички имиња, овозможувајќи им на корисниците да комуницираат без потреба од откривање на нивниот телефонски број.
Оваа новина е дизајнирана да ја зголеми приватноста при воспоставување контакт со нови познаници или при приклучување во поголеми групни разговори каде што споделувањето на личниот број често се смета за преголем чекор, како што истакнуваат од WhatsApp.
Со оглед на тоа што платформата брои над три милијарди корисници и се очекува големо преклопување на имињата, опцијата за рана резервација е веќе отворена пред официјалното лансирање на функцијата кон крајот на оваа година. Целта е секој да има можност навреме да го избере посакуваното име.
Корисничкото име треба да претставува единствен идентификатор кој ќе им биде познат само на оние лица со кои корисникот навистина сака да стапи во контакт. Платформата нуди и вграден генератор на кориснички имиња за оние на кои им е потребна помош при изборот.
Истовремено, за креаторите на содржина, малите бизниси и организациите кои имаат потреба да ја задржат својата конзистентност на интернет, овозможена е посебна опција за преземање на нивните веќе постоечки кориснички имиња од платформите Instagram или Facebook директно на WhatsApp.
Во насока на заштита од несакана комуникација, платформата нема да нуди јавен директориум за пребарување ниту систем за предлози. За воспоставување на првиот контакт ќе биде неопходно точно познавање на корисничкото име.
Како дополнителна безбедносна мерка, корисниците ќе можат да постават опционален клуч кој испраќачот ќе мора да го знае за да започне разговор. Откако функцијата целосно ќе се активира, телефонскиот број ќе остане скриен при првичното контактирање на ново лице или бизнис.
Резервацијата е веќе достапна преку најновата верзија на апликацијата во делот „Settings > Account > Username“, додека целосната интеграција на корисничките имиња ќе се одвива постепено во текот на следните месеци, за што корисниците ќе добијат известување во самата апликација.








