На денешното рочиште за случајот „Пулс“, Јавното обвинителство продолжи со изведување на докази кои се однесуваат на постапките во Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат.
Пред судот беа презентирани записници, барања, правилници, известувања и друга документација за периодот од 2012 до 2025 година. Во текот на доказната постапка, одбраната побара да бидат прочитани членовите 20 и 21 од Законот за угостителска дејност, како и документите кои согласно закон се задолжителни за добивање лиценца за вршење угостителска дејност.
Од презентираните докази произлезе дека по првото барање поднесено во 2012 година, Министерството за економија донело решение за одбивање на издавање лиценца. Во рамки на второто барање, кое се однесувало на објект на улицата „Димитар Влахов“ и на правното лице „Класик ДМ“ за вршење дејност кабаре, тогашниот раководител на Секторот за туризам во Министерството за економија, Зоран Николовски, побарал од Државниот пазарен инспекторат да изврши теренска контрола и во законски предвидениот рок да достави известување до Министерството.
По спроведениот инспекциски надзор и доставениот извештај и записник, во кои инспекторот констатирал дека објектот ги исполнува минимално-техничките услови, Министерството за економија, согласно законските одредби, издало лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре, на правното лице „Класик ДМ“, за објектот на улицата „Димитар Влахов“, со важност од една година.
Во текот на рочиштето беше посочено дека лиценцата издадена во 2012 година не се однесува на објектот во кој 13 години подоцна се случи трагичниот настан што е предмет на кривично-правната постапка.
Според презентираната документација, било констатирано и дека објектот лоциран на улица „Димитар Влахов“ бб во Кочани, за кој е издадена Лиценца бр. 13-9787/3 од 13 декември 2012 година за вршење угостителска дејност – кабаре „Пулс“, не е ист со објектот лоциран на улица „Крижевска“ бр. 2 во Кочани.
На денешното рочиште беа презентирани и лиценци издадени во периодот од 2012 до 2024 година од страна на четворица министри за економија, како дел од доказната постапка во предметот.
Доказите во „Пулс“: Лиценцата од 2012 издадена за друг објект, а не за местото на трагедијата








