На денешната 16-та седница на Советот на Општина Прилеп, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, советниците со мнозинство гласови ги усвоија сите точки од дневниот ред, носејќи одлуки од значење за спортот, образованието, инфраструктурата, урбанизмот, јавното здравје и заштитата на животната средина.
На седницата беше усвоена Одлуката за распределба на финансиски средства од Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, наменети за финансирање на спортски клубови, професионални спортски клубови, здруженија и фондации од областа на спортот, културниот и општествениот живот. За оваа намена се обезбедени вкупно 14,5 милиони денари, што претставува двојно зголемување на средствата во однос на минатата година и значајна поддршка за развојот на спортот и граѓанскиот сектор во општината.
Советот ја прифати донацијата на садови за собирање електричен и електронски отпад од страна на Друштвото за управување со отпадна електрична и електронска опрема „Зелен Циклус“ ДООЕЛ Скопје, со што ќе се овозможи поефикасно управување со отпадот и заштита на животната средина.
Усвоена беше и Одлуката за прифаќање на донација за преземање активности за санација на општинскиот пат О.П.-17 на потегот Крушевица – Чаништа, со цел подобрување на локалната патна инфраструктура и поддршка на јавниот интерес.
Советниците донесоа Одлука за определување на локалитетот за организирање на манифестацијата „Пиво фестивал Прилеп 2026“, како и Одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти за време на одржувањето на фестивалот.
Во областа на образованието беа дадени согласности на Годишните планови за вработување за 2027 година на ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Рампо Левката“ и ООУ „Кирил и Методиј“ од село Канатларци.
Советот даде согласност и на Одлуката за расходување на нефункционална, оштетена и дотраена електронска опрема на ООУ „Страшо Пинџур“ од село Мало Коњари.
На седницата беше донесено Решение за именување претставници на Општина Прилеп во Училишниот одбор на СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп, како и Решение за формирање Совет за јавно здравје.
Усвоена беше и Годишната програма за работа на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за 2026 година, со која се предвидуваат активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
Во делот на урбанистичкото планирање беше усвоена Програмата за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Прилеп за 2026 година.
Советот донесе Одлука за утврдување на потребата за поставување урбана опрема и условите, начинот и постапката за издавање одобрение за поставување урбана опрема на јавни површини на подрачјето на Општина Прилеп, како и Програма за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на јавни површини.
На седницата беше донесена и Одлука за определување крајбрежен појас на Бански Дол, Водотек 1, Водотек 2 и Водотек 3, опфатени во Урбанистичкиот план за село Мажучиште со разработка на Блок 4.
Со донесените одлуки, Советот на Општина Прилеп продолжува активно да работи во интерес на граѓаните, преку поддршка на спортот, образованието, инфраструктурниот развој, заштитата на животната средина и создавање услови за одржлив локален развој.








