Полициските службеници во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава лишиле од слобода 11 возачи поради безобѕирно управување со возило. Од нив, деветмина управувале возило без возачка дозвола, а двајца биле затекнати како возат под дејство на алкохол.
Според информациите од МВР, три лица биле приведени во Куманово, двајца во Гостивар и по едно лице во Скопје, Прилеп, Тетово и Неготино поради управување возило без возачка дозвола. Меѓу нив е и малолетник од Прилеп, додека лицето од Тетово било учесник во сообраќајна незгода.
Во Македонска Каменица и Кичево биле лишени од слобода по еден возач кои управувале возило под дејство на алкохол, при што возачот од Кичево исто така учествувал во сообраќајна незгода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Воедно, апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе за побезбеден сообраќај.








