Вчера во периодот од 18.00 до 24.00 часот на подрачје на општина Ѓорче Петров и Сарај Одделението за безбедност на патниот сообраќај и Единицата за полициски станици од општа надлежност при СВР Скопје спроведоа зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот, при што биле преземени 156 мерки, информираат од МВР.
Oд таму посочуваат дека од нив 35 мерки биле за управување мотоцикл без заштитна кацига, седум мерки за возачи кои управуваат велосипед со помошен мотор без положен возачки испит, три мерки за нерегистрирани мотоцикли, две санкции против возачи почетници. Изречена била една мерка за незастанување на даден знак стоп и 108 мерки за останати видови на прекршоци меѓу кои за неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакната регистарска таблица, недавање првенство на возила или на пешаци…
За време на акциската контрола, констатирано било едно кривично дело безобѕирно управување со мотоцикл по член 297а од Кривичниот законик при што лицето е лишено од слобода. Исто така лишен од слобода бил еден возач на мотоцикл бидејќи при извршен преглед кај него пронајдена била прашкаста материја, додека еден мотоцикл бил привремено одземен бидејќи бил нерегистриран повеќе од една година.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме со сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за побезбедни патишта“, порачаа од МВР.








