Ние видливо ставаме фокус на полициентричен развој на државата, преку поддршка на сите општини бидејќи развојот не смее да се концентрира само на едно место или само во еден регион, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински пред членовите на собраниската Комисија за локална самоуправа, образложувајќи го Предлогот за изменување и дополнување на Стратегијата за регионален развој на земјава за периодот 2021-2031 година.
Министерот Перински појасни дека по пет години од спроведувањето на Стратегијата, сосема е оправдано да се направи објективен пресек на постигнатото и таму каде што мерките даваат резултати, како што нагласи, да продолжиме со уште поголем интензитет, а таму каде се утврдени слабости и ограничени ефекти, да направиме соодветни корекции. Тоа е суштината на предложените измени и дополнувања кои се резултат на спроведена консултација со сите релевантни чинители за имплементација на стратегијата.
– Стратегијата за регионален развој претставува основен долгорочен и плански документ со кој се утврдуваат принципите, стратешките цели и приоритетите на политиката за рамномерен регионален развој. Предложените измени не претставуваат промена на стратешката развојна насока, туку логичен чекор што произлегува од спроведена анализа и од обврската политиките да ги темелиме на реални податоци и измерени резултати. Стратегијата беше подготвена врз основа на демографски податоци од период пред пописот на населението во 2021 година. Новата демографска слика мора да се вгради во начинот на планирање и спроведување на политиката и во целокупната слика за држава во делот на рамномерниот регионален развој. Покрај усогласувањето со новата демографска слика, ревидираната Стратегија обезбедува јасна усогласеност со националата развојна стратегија 2024-2044, создавајќи единствена рамка за планирање и спроведување на развојните политики на национално ниво, посочи министерот Перински.








