Пациентки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) се жалат на неподнослива жештина откако климатизерите со денови не работат, додека, пак, од болницата велат дека се исклучени поради изградба на нова операциона сала.
Од клиниката за „Слободен печат“ велат дека не станува збор за дефект, туку дека климатизерите привремено се исклучуваат додека се извршуваат градежните работи за да се воспостават канали за дотур на кислород во новата сала.
Дел од вработените тврдат дека жените се принудени да чекаат породување на пеколни температури.
На одделот се сместени околу 40 мајки, велат пациентките, кои додаваат дека жештината внатре е неиздржлива.
Од клиниката, пак, велат дека со исклучувањето не се опфатени породилиштата и собите каде што се сместени мајките.
Тие тврдат и дека во работата нема застој и дека од утре климатизерите повторно ќе бидат ставени во функција.








