Општина Битола распиша јавен повик за обезбедување услуги за рехабилитација и поддршка на лица со попреченост преку здруженија на граѓани, со цел подобрување на квалитетот на животот и социјалната вклученост на оваа категорија граѓани и нивните семејства.
Со повикот се бараат понуди од здруженија на граѓани за реализација на повеќе видови услуги, меѓу кои логопедски третмани, психо-социјална поддршка, рехабилитациони услуги, едукативни семинари за родителство и грижа, како и обуки за правата на децата и лицата со попреченост.
Од Општина Битола информираат дека активностите ќе бидат насочени кон подобрување на општата социјална состојба на лицата со попреченост преку услуги што ќе ги обезбедуваат здруженијата на граѓани во партнерство со локалната самоуправа.
Проектите што ќе бидат избрани ќе се финансираат со средства од Буџетот на Општина Битола за 2026 година, согласно Програмата за социјална заштита на Општина Битола за 2026 година.
Заинтересираните здруженија потребната документација можат да ја достават во архивата на Општина Битола или по пошта во рок од 10 работни дена од денот на објавувањето на повикот, односно најдоцна до 19 јуни 2026 година.
Од локалната самоуправа посочуваат дека оваа иницијатива претставува дел од напорите за создавање поинклузивна заедница и обезбедување поголема поддршка за лицата со попреченост и нивните семејства.
Повеќе информации на линкот: https://www.bitola.gov.mk/lica-poprechenost/








