домаМакедонијаВо македонски воз се докажува теоријата на релативноста: Обичниот граѓанин го доживува...

Во македонски воз се докажува теоријата на релативноста: Обичниот граѓанин го доживува времето побавно, политичарот побрзо

- Advertisement -spot_img

Додека политичарите најавуваат брзи пруги, модерни возови и европска железница, македонските патници се туркаат во еден вагон, патуваат со часови во возови стари 51 година, во кои времето го чувствуваат поинаку – токму како во Теоријата на релативитетот.

Пишува: Орце КОСТОВ

„За еден час од Скопје до Гевгелија!“, „Возови со брзина од 200 км/ч“, „Од Драчево до Скопје за 12 минути!“, „Повратен билет Прилеп-Битола за 150 денари“…. Ова се некои од насловите кои одекнуваа во јавниот простор во последните 12 месеци како одговор на прашањата од медиумите до надлежните кога ќе имаме функционална и достоинствена железница со нормални и чисти железнички станици.

Македонските граѓани што го користат железничкиот превоз, посебно оние што доживеале искуства возејќи се низ Европа, постојано реагираат на катастрофалните услуги што ги нудат двете државни претпријатија ЈП Железничка инфраструктура ЖРСМ и АД Македонски железници транспорт.

Има и такви граѓани што не реагираат на услугите, затоа што не добиваат воопшто услуги. Тоа се граѓаните од Штип, Кочани, Тетово, Гостивар и од Кичево, кои одамна останаа без возови и возен ред, а нивните станици се обраснати со трева.

Сепак, доволни беа само две-три видеа од странски туристи, кои доаѓаат од земји каде што железницата е најважно превозно средство, да се повозат во македонски воз, кој е ендемски вид и да покажат во какви услови егзистира македонскиот патник додека се чекаат грандиозните проекти Градски воз и Брза пруга.

Германецот Фин, кој неколку години живее во Македонија и снима видеа од убавините на земјава, на забавен и ироничен начин го раскажа своето патување со воз од Скопје до Драчево, но зад црниот хумор се појави сликата за бавното движење, доцнењата со часови и чувстото дека патувањето до приградската скопска населба е „далечна“ дестинација.

Фин го купил билетот за 46 денари и мислел дека возењето ќе трае 10 минути.

„Ова е возот, леле, сакаш да ми кажеш дека толку луѓе чекаат, а има само еден влез, еден вагон за толку многу луѓе!?“, праша Фин за сликата во која за граѓаните како сардини се набуткани во воз во кој локомотивата е подолга од вагонот.

„Дечки не сме толку брзи… леле што е ова, со велосипеди се побрзи од нас со возот, како е тоа реално?“ .

Оваа реченица на Фин е симбол на апсурдот: најавена железница по која до Драчево треба да се стигне за 12 минути, а кога ќе се качи патникот во „вагончето“, во првите минута-две има впечаток дека возот речиси и да не се движи и дека патувањето ќе биде мачно и непредвидливо.

Фин на крајот вели: „Стигнавме во Драчево со 38 минути доцнење. Ова е најбавната работа што ја имам видено во мојот живот. Еднаш и никогаш повеќе со македонски воз“.

Фин доаѓа од Германија, родена земја на големиот физичар Алберт Ајнштајн, кој е најпознат по својата Теорија на релативитетот.

Ајнштајн докажал дека просторот и времето се релативни поими и дека нивната природа зависи од брзината и движењето на набљудувачот. Според него, двајца набљудувачи што се движат со различни брзини ќе го доживеат времето и растојанието на поинаков начин.

Ако во возот се возат обичен граѓанин и политичар, голема е можноста првиот да го доживее времето побавно, а другиот побргу. Во случајот со македонски железници, политичарот ветува 12 минути патување од Скопје до Драчево, обичниот граѓанин овие 12 минути ги доживува како 38 минути.

НЕЧИСТА ГЛАВНА СТАНИЦА

Друг странски турист, Пол Биелса, кој патува низ Европа со возови и снима репортажи, на социјалната мрежа Икс сподели серија објави за своето патување со воз низ Македонија, во кои ја критикуваше состојбата со превозот, доцнењата и очајната инфраструктура.

Во една од објавите, туристот пишува дека железничката станица во Скопје „не добива никакво минимално одржување“, додавајќи дека возните редови речиси не се променети уште од времето на поранешна Југославија.

„Услугата е крајно несигурна, а доцнењата надминуваат и повеќе од три часа“, наведува тој.

Во продолжение, туристот опишува и патување кон Гевгелија, каде што пристигнале со повеќе од два часа доцнење.

„Помеѓу Скопје и Велес (55 км), потребни се околу 2 часа и 30 минути за да се помине оваа кратка делница со просечна брзина од 20 км/ч, додавајќи ги и застанувањата на сите патни правци. Пристигнавме во Гевгелија во 21.35 часот, со повеќе од 2 часа задоцнување. Тргнавме од Скопје на време, исто како возот со кој се разминавме во Велес, но тој што чекаше да поминеме тргна од Велес со +40 минути доцнење, пристигнувајќи во Скопје со 2 часа и 30 минути задоцнување!“, го сподели своето искуство Пол Биелса.

Сепак, и покрај критиките за инфраструктурата и организацијата, тој споделил и позитивен впечаток од патувањето низ земјава:

„Рутата е апсолутно прекрасна, цело време покрај реката Вардар“.

Што се однесува со одржувањето на главната железничка станица, наскоро таа треба да дочека генерално чистење. На тендерот на ЈП Инфраструктура за избор на компанија која ќе ја „светне“ станицата победи мала компанија од охридско Пештани, АНМАРИН ДООЕЛ увоз-извоз.

Оваа компанија, која е специјализирана за брусење бетон, полирање бетон и бетонирање, за нешто повеќе од 35 илјади евра ќе изврши екстерно чистење на железничката станица во Скопје.

Во чистењето е вклучено чистење на екстериерниот дел на железничката станица, вклучително и горниот дел на бетонската конструкција, натстрешниците на пероните, покривните делови од плексиглас, кои, всушност, беа симбол на постземјотресниот период на Скопје.

Ќе се чистат подовите, ѕидовите, ќе се отстранат цртежите, графитите и старите налепници.

ВОЗ СТАР ПОЛА ВЕК

Изработен во Шпанија и испорачан во април 1975 од Барселона во Скопје, „Шпанскиот воз“ по повеќе години во 2025 беше реновиран, доби нов дизајн, современа опрема и засилен безбедносeн систем.

Возот стар 51 година, летово ќе вози на линијата Битола-Прилеп-Битола за да го олесни сообраќајот додека не се доизгради автопатот од страна на „Бехтел и Енка“.

„Шпанскиот воз“ е еден од најпознатите што сообраќале во Македонија, во времето на поранешна Југославија и бил многу омилен меѓу патниците зашто бил модерен и удобен.

Но, со годините застарел и бил повлечен од сообраќај. Тој е дел од флотата од пет исправни патнички возови што сообраќаат од Скопје до Куманово, Битола, Велес и Гевгелија.

–Во моментов, МЖ Транспорт АД располага со 5 исправни патнички гарнитури, кои се користат за извршување на патничкиот железнички сообраќај. Од нив, 4 патнички гарнитури се произведени во периодот од 2015-2017 година, а една од нив е постара патничка гарнитура произведена во периодот 1974-1978 година.

Моментално за сервис чека една патничка гарнитура, се чека резервен дел кој треба да пристигне на крај од овој месец. Моментално во фаза на реставрирање немаме патничка гарнитура, открива за „Фокус“, Игор Коруноски, директор за Влеча и одржување на возни средства и член на управен одбор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје.

Тој додаде дека во моментов се исправни сите локомотиви за влечење на товарни вагони.

–Да, за разлика од пред 2 години кога за потребите на товарниот сообраќај имаше на располагање само 1 исправна локомотива, во моментов за потребите на товарниот сообраќај исправни се сите локомотиви кои може да се стават во функција. Вкупно 8 локомотиви може да се користат за влечење на товарни вагони и плус 1 локомотива може да се користи за влечење на патнички вагони, додаде Коруноски.

ЏАБЕ ЕВТИНИ БИЛЕТИ КОГА НЕМА ДЕСТИНАЦИИ

Воведувањето на возната линија Прилеп-Битола-Жабени и обратно ја најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски на 16 април, при посета на Битола.

–Работиме со Македонски железници, Инфраструктура и Транспорт најдоцна до јуни да пуштиме меѓуградски воз кој би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени. Оние кои имаат дневна потреба за патување меѓу овие два града, а и оние кои работат во индустриската зона Жабени, да го користат возот. Ќе одиме со промотивна цена за повратна карта од 150 денари, што е најевтино што може да се најде на пазарот имајќи предвид дека паркинг некој би платил повеќе, да не зборуваме за бензин за возило, рече тогаш Николоски и најави дека добил ветување од изведувачите оти следната пролет 2027 ќе може да се вози по првите километри автопат на потегот од Прилеп-Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот, односно во пролетта 2029 година.

Сепак, оваа мерка за битолчани е само шминка. Според нивните реакции на социјалните мрежи, се наметна основното прашање:

„Како ќе им помогне локален воз до Прилеп да го скратат времето на патување до Скопје кое е нивна најчеста дестинација, а се уште немаат целосно автопатско поврзување?, прашуваат битолчани.

Жителите во изминатите години честопати имаа лоши искуства когa патуваа со воз за Скопје. Поради дефекти возовите остануваа по пругите и се случуваше се патува со часови до Скопје. Така од Битола се патуваше по 10 односно 8 часа, наспроти редот на возење кој е 3 и пол часа.

За разлика од битолчани, некои граѓаните од поголемите градови воопшто не доцнат затоа што немаат можност да патуваат со воз и услугата која ја користеле со децении, не ја добиваат поради недомаќинското работење на железничките претпријатија во овие 25 до 30 години.

Новиот ред на возење на Македонски железници, кој е со важност до 12 декември следната година вели дека во 2026 година низ цела Македонија сообраќаат само седум пара возови или дури три пара помалку од 2025 година, што е уривање на неславен историски рекорд поради намалувањето на линиите од година во година, во последните две децении.

На хартија, по македонските пруги сообраќаат десет пара патнички возови, по три од Скопје за Битола и Велес, и по два за Куманово и Гевгелија. Укинати се два воза од Скопје кон Велес, укинат е еден воз од Скопје кон Битола, а нема ниту меѓународни возови кон Грција, Србија и Косово. Претходно, „Македонски желeзници“ соопштија дека привремено се укинуваат три патнички воза, два локали од Скопје до Велес и еден за Битола. Тие нема да сообраќаат до 10 јуни следната година. Причината за ваквата одлука е реконструкција на пругата на делницата Скопје – Зелениково.

Намалувањето на бројот на возови, посебно на релацијата Скопје – Битола – Скопје, која е најфреквентна со патници и опслужува најголем број населени места, има сериозен ефект врз социо-економската состојба на граѓаните. Во некои делови, на таа пруга во Велешко и во Прилепско, граѓаните немаат друга алтернатива за патување до работа или до лекар, освен возот.

Возовите од Скопје кон Кичево и Кочани не сообраќаат од мај 2021 година. На овие граѓани им остана само пруга обрасната со трева за да ги потсетува на времето кога железничките станици во Кочани, Штип, Тетово, Гостивар и во Кичево беа преполни со патници. Најголем дел од нив млади студенти, кои го користеа евтиниот превоз до македонската престолнина.

ДОЦНАТ ГРАДСКИОТ ВОЗ И БРЗАТА ПРУГА

Оваа 2026 година требаше да биде година на македонската железница, според најавите и активностите што владата и Министерството за транспорт и врски ги почнаа.

Во јануари требаше да забревтаат неколку пара возови во проектот Градски воз, кој беше едно од главните ветувања на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува и да се одобри кредитот од 1,9 милијарди евра за брзата пруга и во последниот квартал од 2026 година да се финишира со фрлање лопата во градилиштето на грандиозниот проект Брза пруга Коридор 10.

Минатата есен стартуваа градежните работи за првиот дел од проектот за воведување Градски воз во Скопје. Првата линија на градскиот воз ќе биде Зелениково – Скопје преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на новата железничка станица.

За реализација на целиот железнички прстен со три полукругови околу Скопје се потребни околу 50 милиони евра.

Брзата пруга сè уште е проект на хартија без обезбеден кредитор. Иако не е познато од каде ќе се подигне кредитот од 1,9 милијарди евра за брзата пруга, заменик-претседателот на владата и министер за транспорт, Николоски најавува дека подготовките веќе се во тек, а првите багери на терен треба да се појават кон крајот на летото или во почетокот на есента следната година.

Николоски објасни дека во моментов се одвиваат сите подготвителни работи на терен, како и изработката на техничката документација и студиите за влијание врз животната средина и екологијата.

Според роковите што ги посочи вицепремиерот, очекувањата се до јуни или јули да биде завршена клучната документација и анализи, а потоа, кон крајот на летото или во почетокот на есента следната година, да почнат првите градежни активности. Рокот за изградба е пет години, со цел до 2031 година да биде комплетно завршена двоколосечната пруга по Коридорот 10, при што една од линиите, наменета за карго-транспорт, треба да биде подготвена за сообраќај веќе во 2028 година.

Текстот е објавен на 21 мај 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.598

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img