Оваа сабота во Кочани ќе се одржи 45-тиот Марш на ангелите. Почетокот на маршот е закажан за 18:05 часот во Паркот на Револуцијата, од каде учесниците ќе се движат кон Трговскиот центар, УЈП, МВР, Основниот суд и ќе завршат кај Спортската сала „Кочански ангели“.
Организаторите информираат дека маршот ќе се одвива мирно и достоинствено, во чест на 63-те ангели, за повредените и за семејствата кои секојдневно се соочуваат со болката и загубата. Според нив, маршот претставува чин на сеќавање и почит, но и повик за одговорност, вистина и правда. Тие порачуваат дека споменот за жртвите не смее да избледи, а барањата за целосно расветлување на случајот и правична разрешница не смеат да останат без одговор. „Не забораваме, не отстапуваме и продолжуваме“, порачуваат организаторите, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат на маршот и заеднички да оддадат почит на жртвите и поддршка на нивните семејства.








