Владата го усвои Предлог – Законот за пушење кој ќе донесе нови, поригорозни правила за пушачите. Иако првично беше најавен како исклучително строг, финалната верзија претрпе одредени отстапки под притисок на јавноста и бизнис секторот.Наместо првичната идеја за тераси отворени од три страни, донесено е решение да бидат отворени од две страни. Ова правило ќе почне да важи за една година од сега.Владата се откажа и од првичната замисла целосно да го забрани увозот на сите ароматизирани вкусови за електронски уреди. Законот нема да ги забрани производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи и електронски уреди, туку строго ќе ја регулира нивната употреба.Новиот закон става силен акцент на заштитата на јавното здравје преку целосна и строга забрана за пушење во сите затворени јавни и деловни простори. Чад не смее да се види пред ниту една ваква институција. Пушачите ќе мора да бидат оддалечени најмалку 20 метри од нив.Се забранува пушење во автомобил доколку во него е присутно дете.Забраната опфаќа автобуски и железнички станици, отворени пазари, како и низа други институции и јавни простори.Целосно се забрануваат рекламите и јавното изложување на тутунските производи и електронските уреди.Граѓаните имаат поделени мислења околу реалниот бенефит и спроведливоста на овој Закон на терен, но генерално постои широка поддршка за воведување мерки кои ќе придонесат за намалување на пушењето.
Новиот закон предвидува и забрана за употреба и на традиционални тутунски производи и на електронски уреди, вејпови и слично во угостителски објекти кои не се целосно отворени од најмалку две страни. По усвојувањето на Законот на Владина седница истиот ќе влезе во собраниска процедура а по изгласувањето веднаш ќе стапи на сила и ќе важи за сите освен за угостителите кои имаат 12 месечен период на прилагодување. За ова тие велат дека се задоволни од разбирањето на кое наишле да имаат период за прилагодување кон новите правила,бидејќи на тој начин нема да се соочат со финансиска загуба.
Околу почитувањето на правилата инспекција на терен ќе вршат 14 надзорни органи.
Министерот за здравство, Азир Алиу вели дека станува збор за значаен чекор во заштитата на децата, непушачите, работниците и граѓаните бидејќи тутунот кај нас е поврзан со, за жал со 3.600 смртни случаи годишно, односно околу 13% од сите смртни случаи во државата.








