домаМакедонијаПотпишан Меморандум за соработка меѓу македонското и португалското јавно обвинителство

Потпишан Меморандум за соработка меѓу македонското и португалското јавно обвинителство

- Advertisement -spot_img

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Канцеларијата на Генералниот обвинител на Република Португалија потпишаа Меморандум за соработка во повеќе клучни области од заеднички интерес.

Меморандумот во Лисабон го потпиша Генералниот обвинител на Република Португалија Амадеу Гера, додека од македонска страна во Скопје свој потпис стави Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески. Денеска, при посетата на заменик-генералниот обвинител на Португалија Пауло Жорже Виеира Моргадо де Карвајо во земјава, беше извршена свечена размена на двата документи на која присуствуваше и министерот за правда Игор Филков.

Со документот се предвидуваат студиски и работни посети помеѓу обвинителствата од двете земји, директно споделување на искуствата и добрите практики во однос на организацијата, управувањето со човечки ресурси и дигиталните технологии, заеднички програми за обуки, семинари, конференции и работилници за обвинителите во специфични области, како и размена на технички информации, експертиза и оперативно искуство меѓу специјализираните обвинителски единици.

Како приоритетни области на меѓусебната соработка се наведени борбата против организираниот криминал, корупцијата, компјутерскиот криминал, трговијата со луѓе, трговијата со дрога, перењето пари, како и размената на искуства во градењето на институционалните капацитети.

“Меморандумот за соработка ќе ни помогне да добиеме увид во исклучително важното искуство на една земја-членка на Европската унија во сите овие области”, потенцираше Савески, кој со Де Карвајо разговараше подетално околу начинот на организација, предизвиците и најчестите облици на криминалитет со кои се соочуваат јавните обвинителства во двете земји.

Де Карвајо и советникот на генералниот обвинител на Португалија Дејвид Алешандрину Пауло Албукерки е Агилар се во дводневна посета на Скопје, во рамките на која утре ќе учествуваат на конференцијата “Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“, организирана со целосна поддршка на проектот “EU Support for Rule of Law”.

Со експертска помош на овој проект е изготвена и нова комуникациска стратегија на Јавното обвинителство, а минатата година беше организирана и студиска посета на јавни обвинители, членови на Советот на јавните обвинители и на претставници на Академијата за судии и јавни обвинители во Лисабон.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img