На 1 јуни 2026 година, во Вилнус, се одржаа политички консултации меѓу делегации на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Република Литванија, предводени од заменик-министерот Зоран Димитровски и заменик-министерот Сигитас Миткуш.
Во духот на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, соговорниците ја потврдија заедничката посветеност за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.
Заменик-министерот Димитровски информираше за одлуката на Владата за отворање Амбасада во Вилнус, за што врачи и вербална нота со која формално се иницира постапката за воспоставување на Амбасада на Република Северна Македонија во Република Литванија.
Беше оценето дека овој историски чекор е резултат на силната политичка волја и континуираната посветеност на двете земји за унапредување на меѓусебните односи и претставува ново поглавје во нивниот развој, создавајќи нови можности за интензивирање на политичките контакти, унапредување на економската соработка и меѓусебното поврзување на граѓаните од двете земји.
Во рамки на состанокот, особено внимание беше посветено на можностите за натамошно јакнење на меѓусебната економска соработка, при што беше нагласена потребата од поинтензивно поврзување на деловните заедници и стопанските комори на двете земји. Во истата насока, беа истакнати потенцијалите за продлабочување на соработката и во областите како дигитализацијата и информатичките технологии, одбраната, обновливите извори на енергија, земјоделството и други области од заемен интерес.
Покрај билатералната соработка, двете делегации разменија мислења и за процесот на европската интеграција на нашата земја. Заменик-министерот Димитровски изрази благодарност за досегашната јасна и принципиелна поддршка на Литванија за политиката на проширување на Европската Унија, особено во контекст на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи ја важноста од нејзино натамошно зајакнување.
Заменик-министерот Миткуш нагласи дека Литванија и понатаму ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во процесот на европска интеграција, вклучително и во напорите во исполнувањето на реформската агенда.
Изрази особено задоволство од одлуката за отворање Амбасада на Република Северна Македонија во Република Литванија, оценувајќи дека овој чекор ќе даде силен поттик кон натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални, европски и глобални предизвици, како и за соработката во рамките на меѓународните организации, потврдувајќи ја подготвеноста за натамошна координација и партнерство по сите прашања од заеднички интерес.








