Во изминатиов период се формираа неколку нови партии, а тој процес продолжува и со најави за нови политички субјекти со што бројката и натаму ќе се зголемува. Социлозите и политичките аналитичари сметаат дека ваквото атмозирање на партиската цена е позитивен процес кој може да донесе нов квалитет во изборната понуда но за што е важно и да се воведе модел со една изборна единица.
Една политичка партија на секои 27.000 жители во земјава со тенденција на формирање на уште нови. Ваква е состојбата во Македонија, откако во изминатиов период, на партискиот пазар, почнаа да се случуваат значителни поместувања во однос на бројот на политичките партии. Регистрирањето на нови партии во изминативе неколку години предизвика нов тренд на зголемување на бројот на политичките партии. Така, ако на крајот од 2023 година во земјава имаше 62 политички партии, а во 2024 година – 64, таа бројка на крајот на мај годинава изнесува вкупно 69 политички партии. Но, со тенденција дека ќе се зголемува бидејќи деновиве се одржуваат основачки собранија на нови партии и стигнуваат најави за планови за формирање нови. Со тоа, бројката на партиите само ќе се зголемува и се поставува прашањето за вистинските мотиви за нивно појавување. Еден мотив е сигурен – избори се ближат. Но, остануваат отворени прашањара дали се работи за зголемување на идеолошката понуда или за утилитаристички мотиви да се дојде до учество во власта и користење на бенефициите што таа ги овозможува?
Социолозите и политичките аналитичари не гледа ништо лошо во очигледниот процес на зголемувањето на бројот на политичките партии во земјава. Напротив, сметаат дека тоа е добро бидејќи граѓаните добиваат подобра понуда и избор на денот на гласањето. А опстојувањето на новите партии, како и на досегашните, најмногу зависи од нивниот ангажман, заложбите и реализација на проектите.
Простор за нова енергија
Од Основниот граѓански суд – Скопје за весникот ВЕЧЕР денеска го потврдија нагорниот тренд во однос на бројот на регистрираните партии.
– До овој момент, во нашиот Единствен регистар на политички партии кој се води во Судот, се регистрирани вкупно 69 политички партии. Во моментот не е во тек постапка за регистрација на некоја политичка партија. До крајот на 2024 година биле регистрирани 64 политички партии, а до крајот на 2023 година, 62 – нè информираа од Судот.
Завчера, во Тетово, свое основачко собрание одржа новата партија наречена Албанска лига, составена од поранешното крило на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села. Тој беше принуден да тргне во процес на регистрација на нов политички субјект откако го загуби судскиот спрот со поранешниот министер Арбен Таравари околу правното наследство врз партијата АА, која се подели на повеќе крила. За вечерва, во Скопје, е најавено отворање на Главното седиште на Партијата на Хрватите во Македонија, која беше регистрирана во втората половина од минатата година и е една од најмладите на македонската политичка сцена. Нејзиниот лидер, Ненад Немет, за весникот ВЕЧЕР вели дека процесот на формирање нови партии носи квалитет.
– Најдобар начин за постигнување на одредени политички цели е да формирате партија. Речиси во секоја од повеќето етнички заедници во Македонија имате по неколку партии – кај Турците, Србите, Ромите, Власите… Ние, Хрватите, сега имаме своја прва партија. Ако сакаме промени во општеството преку демократски пат, тогаш патот води преку партија. Ние чекаме да бидеме наведени во Уставот како заедница, тоа не зависи од нас, но ќе бидеме трпеливи оти имаме разбирање за состојбите – ни изјави Немет, додавајќи дека партијата е позиционирана десно од центарот и со демохристијанска основа.
Поранешниот скопски градоначалник, Трифун Костовски, деновиве, преку колумна, ја најави својата намера да формира нова партија. Според најавата, тоа би била политичка партија без национално и верско обележје, со членови кои ја сакаат својата татковина и желба да ја градат иднината на нашата земја. Тој во 2015 година стоеше зад тогаш формираниот Фронт за демокртаска Македонија, кој потоа престана да постои.
– Апсолутно сметам дека има простор за уште нови политички партии во Македонија. Досегашните партии не исполнија ништо што го ветуваа. А каква ќе биде новата партија, најважна е визијата. Ние би сакале да внесеме нова енергија, да ги раздвижиме и да ги мобилизираме луѓето, да ја отстраниме омразата од општеството и да дадеме нова визија – изјави денеска Костовски за весникот ВЕЧЕР.
Во изминативе месеци, најава дека ќе формира нова партија имаше и поранешниот градоначалник на скопската општина Центар, Саша Богдановиќ, кој рече дека партијата ќе го носи името Српска демократска лига. Од лани, во потрага по 1.000 потписи за регистрација како политичка партија се и граѓанските здруженија Зелен хуман град и Шанса за Центар…
Инаку, во изминативе 35 години, од плурализмот во Македонија во различни периоди имало различен број регистрирани политички партии. Во првите децении на плурализмот, по 18 регистрирани политички партии кои учествуваа на првите парламентарни избори во 1990 година, бројката на партиите подоцна се движеше од 120 до 150. Преполовувањето на бројот на околу шеесетина се случи откако беше воведена обврската за пререгистрација и условот од 1.000 потписи на членовите заверени на нотар. Ланското истражување на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, ИДСЦС и ИФЕС покажа дека 13,3 проценти од испитаниците кажале дека се членови партии. Односно, секој седми граѓанин има некоја партиска книшка.
Мобилизација на понудата, но не и атомизација на парламентот
Според експертите, не би можело да се каже дека бројот на партиите во земјава е преголем бидејќи има причини зошто настануваат.
–Како што се збогатува социјалниот живот, така се збогатува и политичкиот. Се појавуваат разни идеи, идеологии. Се чини дека се надминува досегашниот концепт на мал број партии со големо членство. Во западните општества има тенденција на изборите да победуваат мали и нови политички групации. Нека има повеќе партиска понуда, нека зрачат со идеи во просторот што треба да се пополни. Атомизацијата на партиите не е лош процес, а јас го доживувам како будење на квалитетот и освојување на просторот – вели социологот Ѓорѓи Тоновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Во изминативе години, како во македонскиот, така и во албанскиот и кампусот на другите етнички заедници, имаше повеќе делења и создавање нови политички субјекти. Тие, по правило, настануваа како резултат на ослободениот простор како резултат на опаѓањето на рејтингот на дотогаш големите партии.
И политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски, смета дека формирањето на новите партии не е негативен процес, туку зголемување на политичката конкурентност.
-Политичка мобилизација значи и политичка конкурентност. Конкуренцијата, како што е добра во економијата, така е добра и во политиката. Ако имате десет партии со понуда, имате и поголем избор. Секогаш кога се ослободува некој простор, има тенденција да се пополни со нови субјекти. Некои дотогаш големи партии заминуваат од сцената, а потоа се појавуваат нови. Така беше со партијата ПАСОК во Грција, така сега се случува и во Бугарија. И во Македонија ги имаме тие процеси – нагласува Божиновски.
Зголемувањето на бројот на новите партии во земјава се врзува и за сè позачестените калкулации за одржувањето на предвремените парламентарни избори в година. И Тоновски и Божиновски нагласуваат дека е потребна промена на изборниот модел од шест во само една изборна единица за да бројната понуда на нови партии најде место и во бројот на пратеници во Собранието.
– Нека има партиска понуда, а пазарот ќе реши која ќе добие доверба. Треба да се форсира идеја со една изборна единица и со отворени изборни листи. Така и тие ќе најдат место со парламентот и ќе се добие на квалитет. Потребно е и да се ограничи бројот на мандатите кои може да ги има некој пратеник, на само два – предлага Тоновски.
Според Владимир Божиновски, потребно е изборниот модел да стимулира политичка и партиска мобилизација.
– Наместо шест, Изборниот законик треба да се смени и да има само една изборна единица. Сегашните правила им прават голем проблем на помалите партии. Но, исто така, треба да се смени атомизацијата на парламентот. Тоа ќе се спречи со воведување на изборен праг. Ако прагот се договори на ниво од два отсто, тогаш тоа ќе се одбегне. Со тоа ќе се отвори простор за нови играчи на политичката сцена – нагласи Божиновски. (Б. Ѓ.)
Од десет граѓани, осум не би го смениле политичкото убедување за пари
Осум од десет граѓани во Македонија не би прифатиле паричен надомест за да потпишат петиција што е спротивна на нивните политички убедувања, покажуваат резултатите од европскиот истражувачки проект ENCODE, презентирани денеска во Скопје, на настан организиран од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС). Истражувањето било спроведено во шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и Северна Македонија. Бихејвиоралниот експеримент за демократска отпорност опфатил 4.550 испитаници, од кои 581 од Македонија, анкетирани во октомври 2025 година пред локалните избори. Со овој резултат, земјата се наоѓа пред Италија (79 проценти), Австрија (78 проценти) и Данска (77 проценти).
Во друг експеримент, поврзан со правото на глас, 78 проценти од испитаниците одбиле дури и да разгледаат можност за паричен надомест во замена за негласање на избори. Од друга страна, анализата на политичката комуникација на социјалните мрежи покажува загрижувачки трендови. Според истражувањето на компанијата „Предикт бај“, кое опфатило околу 120.000 објави и коментари на платформата „Икс“ од Македонија, дури 98 проценти од коментарите насочени кон политичари содржат елементи на омраза, а 82 проценти содржат показатели на гнев.








