Во врска со тешката кражба на трансформатори во Македонски железници, од МВР ни одговорија дека се преземаат низа дејствија за расчистување на кривичното дело, при што извршен е увид на лице место и подигнати се траги кои се дадени на натамошно вештачење. Неофицијално, пак, дознаваме дека испитани биле сите педесетина луѓе кои знаат како да исклучат висок напон, при што бројката е редуцирана на дваесетмина, од кои еден сигурно е вклучен во нелегалната операцијата. Исто така, нашите извори од истрагата велат дека под лупа биле и сите отпади за железо и метали, бидејќи украдениот бакар некаде завршил.
Напредува истрагата за откривање на сторителите и утврдување на околностите во кои се случи големата кражба во електровлечната потстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, во чии рамки беше предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура и воедно беше предизвикана голема материјална штета што се проценува меѓу 3 и 5 милиони евра.
Како што првично соопштија од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, при кражбата биле насилно превртени 2 големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од околу 27 тони. Притоа, од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Поточно, според ЈП Железници-Инфраструктура, од потстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност, а првичната проценка укажува дека директната материјална штета може да достигне 5 милиони евра.
„Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај. Апелираме до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен“, порачаа од претпријатието веднаш по кражбата на крајот на минатиот месец јули.
Во врска со овој случај, пред неколку дена се обративме до МЖ Инфраструктура со прашање дали располагаат информации за текот на истрагата, односно колку лица се осомничени, дали меѓу нив има вработени во државни институции, како тие ја извршиле кражбата, каква механизација користеле и сл., меѓутоа досега не добивме одговор. Сепак, на истите прашања добивме одговор од Министерството за внатрешни работи, кој гласи:
„Во врска со тешката кражба на трансформатори во инфраструктура Македонски железници, Одделението за криминалистички работи Аеродром и Драчево при СВР Скопје презема низа дејствија за расчистување на кривичното дело и утврдување на други околности поврзани со истото, при што извршен е увид на лице место и подигнати се траги кои се дадени на натамошно вештачење“.
Како што неофицијално дознава „Фокус“, се стега обрачот околу крадците. Имено, извори од истрагата објаснуваат дека станува збор за комплексна и специфична кражба поради која морало да се исклучи високиот напон, а во земјава, според нив, има педесетина луѓе кои знаат да исклучат висок напон.
Според нашите соговорниците, сите тие биле повикани и испрашани, при што бројката е редуцирана на дваесетмина, од кои еден сигурно е вклучен во нелегалната операцијата. Имајќи во предвид дека украдениот бакарот некаде мора да заврши, додаваат тие, под лупа биле и сите регистрирани отпади за метали, каде се вршат темелни контроли.
Инаку, министерот за транспорт, Александар Николоски, деновиве изјави дека се работи за филмски грабеж, кој, според него, може да го направат само високостручни луѓе, и тоа со помош на тешка градежна механизација. Како што рече тој во едно телевизиско интервју, горе-доле знаат кои се луѓето што ова може да го направат, па сега полицијата истражува кој точно бил вклучен и вмешан.
–Верувајте, тоа е како на филм. Таму е отидено со градежна механизација и со врвни експерти, со цел да се извади бакарот од двата трансформатори и да се продаде на црниот пазар… Моментално бакарот има многу висока цена на светските берзи поради случувањата во Украина и во Иран и свесни сме дека ова некому му се видело како многу добар бизнис – рече Николоски, додавајќи дека овој чин можел да предизвика и безбедносни последици.
https://fokus.mk/se-stega-obrachot-okolu-krazhbata-na-bakarot-od-zheleznitsa-se-cheshlaat-site-otpadi-i-struchni-litsa-za-visok-napon/






