Депонијата „Краста“ кај Куманово повторно се запали, откако синоќа избувнал пожар на локацијата, објави „360 степени“.
Кумановските пожарникари интервенирале вчера во периодот од 20:35 до 23:10 часот, со цел да го локализираат огнот. По интервенцијата, екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ со механизација се на терен и ја затрупуваат локацијата со земја, во обид целосно да се изгасне чадењето.
Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, изјави дека екипите работат на затрупување на пожарот со земја, бидејќи на депонијата и понатаму има чадење.
Депонијата „Краста“ се наоѓа на регионалниот пат Куманово – Пчиња и во повеќе наврати досега била затрупувана за да се спречат нови потпалувања. Пред околу еден месец, исто така, избувна пожар на истата локација.
Жителите на селото Пчиња, кое е оддалечено само неколку километри од депонијата, претходно организираа блокади и бараа нејзино дислоцирање. Тие се жалеа дека од депонијата често се шири чад и непријатна миризба.
Томиќ минатиот месец изјави дека станува збор за долгогодишен проблем, кој според него е поврзан со присуство на подземни гасови, особено метан, што можат да предизвикаат самозапалување, особено при одредени временски услови.
Еколошката организација „Еко Пчиња“, пак, претходно обвини дека состојбата е резултат на „системски неуспех“ и побара трајно решение од надлежните институции.
Депонијата „Краста“ е дел од проект финансиран од Европската Унија, со кој е предвидено таа да стане претоварна станица каде што ќе се селектира отпадот од Куманово, а потоа ќе се носи до регионалната депонија во Свети Николе.
„Краста“ е во функција од 1958 година и опфаќа површина од 12,5 хектари.








