домаМакедонијаМногу најавуваната реконструкција на Владата – „Журнал“ објавува детали од политичките кругови

Многу најавуваната реконструкција на Владата – „Журнал“ објавува детали од политичките кругови

- Advertisement -spot_img

Додека се приближува рокот за најавената реконструкција на Владата во текот на јуни, во владините кругови се интензивираат разговорите за можни кадровски промени и прераспределба на одредени ресори меѓу коалициските партнери.

Извори блиски до Владата, кои се вклучени во консултациите што се водат на ниво на владините партнери, за „Журнал“ откриваат дека на маса се повеќе сценарија, како во однос на имињата кои би можеле да раководат со министерски позиции, така и за министерствата што би можеле да добијат нови раководители.

Според овие извори, едно од посериозно разгледуваните решенија е актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, да биде префрлен на чело на Министерството за односи меѓу заедниците, ресор кој во моментов го предводи Иван Стоилковиќ.

Во тој случај, Министерството за социјална политика би го предводел Абдуш Демири, име кое сè почесто се споменува во внатрешните дискусии околу реконструкцијата на владиниот кабинет. Тој во моментов ја извршува функцијата потпретседател на Државната изборна комисија.

Изворите наведуваат дека во рамки на реконструкцијата се очекуваат промени и на други значајни позиции кои ѝ припаѓаат на коалицијата ВЛЕН. Во актуелните калкулации е вклучено и името на Арбен Фетаи, а според информациите со кои располага „Журнал“, во моментов останале двајца кандидати во трка за негова замена, додека тој се очекува да биде именуван за специјален претставник на земјата во Брисел.

Имињата на кандидатите ѝ се познати на редакцијата, но поради чувствителноста на процесот и недостигот од конечна одлука, тие нема да бидат објавени до завршување на политичките консултации.

Паралелно со кадровските промени, на маса се и предлози за реорганизација на министерските ресори.

Според извори блиски до процесот, ВЛЕН се очекува да се откаже од Министерството за здравство, а во замена да добие друг ресор со поголема политичка и реформска тежина.

Една од опциите е ВЛЕН да го преземе Министерството за образование и наука, каде како решение се споменува именување на актуелниот заменик-министер на чело на оваа институција.

Сепак, според информациите на „Журнал“, во рамки на преговорите постои засилен интерес ВЛЕН да го добие Министерството за правда. Овој ресор се гледа како можност за поголем фокус на реформите во правосудниот систем, борбата против корупцијата и поефикасно функционирање на правната држава.

Иако конечните одлуки сè уште не се официјализирани, изворите блиски до Владата оценуваат дека преговорите се веќе во тек и дека наредните денови би можеле да донесат епилог на реконструкцијата, која се очекува да не ги засегне само кадровските решенија, туку и рамнотежата на ресорите во рамки на владејачката коалиција.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img