Поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, отвори низа чувствителни прашања поврзани со улогата на поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) во периодот на распадот на СФРЈ, оценувајќи дека јавноста предолго била лишена од целосната вистина за настаните од почетокот на деведесеттите години.
Во своето обраќање Георгиевски порача дека е време да се разобличи митот за ЈНА и да се покаже вистинската улога што ја имала во поранешните југословенски републики.
„Треба да ја разобличиме таа југословенска армија за луѓето да видат со кого си имале работа. Таа се претставуваше како југословенска, а правеше масакри во Хрватска, Босна и Косово“, изјави Георгиевски.
Тој потсети дека во периодот кога во соседството се водеа воени конфликти, граѓаните на Македонија живееле во страв од можните потези на ЈНА.
Посебно се осврна на повлекувањето на ЈНА од Македонија, тврдејќи дека армијата зад себе оставила огромни материјални штети. Според него, било однесено целото оружје кое со години било набавувано со средства на граѓаните, а воените објекти биле целосно опустошени.
„Го однесоа комплетното оружје, ги испразнија касарните, па дури ги корнеа и штекерите од ѕидовите. Тоа беа огромни материјални штети за државата“, рече Георгиевски.
Поранешниот премиер постави и прашање зошто овие настани ретко се споменуваат во јавноста и зошто, како што вели, многу факти и денес остануваат премолчени.
Тој навести дека постојат и други детали поврзани со улогата на ЈНА во Македонија кои сè уште не се доволно истражени и презентирани пред јавноста.
Изјавите на Георгиевски повторно ја отвораат дебатата за улогата на ЈНА за време на распадот на Југославија, како и за последиците што тие случувања ги оставија врз Македонија во првите години од нејзината независност.








