Претседателот на Нова социјалдемократска партија (НСДП), Горан Мисовски, од говорницата на седмиот конгрес на партијата порача дека државата се движи во погрешна насока, критикувајќи ја актуелната власт за економска несигурност, поделби и „заробени институции“, додека ја истакна определбата на НСДП за социјална правда, силни институции и европска иднина. Мисовски потенцираше дека партијата во изминатите 20 години покажала одговорност и капацитет за носење тешки одлуки, ставајќи ја државата пред партиските интереси и граѓаните пред политиката.
Говорејќи за улогата на НСДП во изминатиот период, тој нагласи дека НСДП изминатите 20 години покажала дека може да биде одговорна.
– Во овие 20 години покажавме дека можеме да бидеме одговорни, дека можеме да носиме тешки одлуки и дека знаеме како да ја ставиме државата пред партијата, а граѓаните пред политиката. Не бегавме кога требаше одговорност, не молчевме кога беше потребен став и не ја ставивме партијата пред државата. Затоа денес можеме исправено да застанеме пред граѓаните и да кажеме: можеби не секогаш го избравме најлесниот пат, но секогаш се трудевме да го избереме правилниот – рече тој.








