Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во своето гостување на Сител телевизија истакна дека партијата останува посветена на ставот дека уставните измени не треба да се реализираат ако тие водат до нова неизвесност, особено без конкретни гаранции за полноправно членство во Европската Унија.
„Ние сме јасни во однос на оваа тема и го искажуваме нашиот став. СмЕ И уверени дека уставните измени не би требало да се спроведуваат, особено ако водат до неизвесност и не можат да ја остварат целта“, изјави Милошоски.
Тој потсети на претходните уставни измени, кога СДС и ДУИ ги промовираа како чекори за подобрување на ситуацијата во земјата, тврдејќи дека ќе донесат бенефити како бесплатно здравство и стипендии. Сепак, реалноста покажа дека, наместо напредок во преговорите со ЕУ, Македонија се соочи со затворени врати.
„Не смее да се повтори истата грешка. Македонија не може повторно да влегува во процес на уставни измени без јасни и цврсти гаранции дека ќе го зачува националниот идентитет, јазикот и историската посебност на македонскиот народ“, нагласи Милошоски.
Тој заклучи дека поучени од претходното искуство, би било наивно да се прифати идејата за уставни измени без да се осигура за заштита на националната специфичност и за остварување на целта за полноправно членство во ЕУ.








