Тој нагласува дека нема намера да ја освои власта за лични интереси, туку за, како што наведува, „освестување на државно ниво“.
Поранешниот градоначалник на Скопје и пратеник, бизнисменот Трифун Костовски, најави враќање на политичката сцена и јавно упати повик до граѓаните да му се приклучат во, како што вели, „новата визија за иднината на државата“.
Во објава на социјалните мрежи, Костовски соопшти дека новата политичка партија ќе биде отворена за сите полнолетни граѓани, без ограничување на возраста, нагласувајќи дека целта е обединување на луѓе со различни искуства и ставови.
„Партијата ќе биде составена од членови на возраст од полнолетство со неограничен век на старост. Ги повикувам сите искусни и неискусни мои сограѓани кои имаат желба Македонија да опстои како држава во која ќе создадеме иднина за нашите поколенија, да размислат и да се приклучат кон ваквата моја визија“, напиша Костовски.
Тој нагласува дека нема намера да ја освои власта за лични интереси, туку за, како што наведува, „освестување на државно ниво“ и ставање на државните интереси пред партиските.
„Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво, Македонија да биде пред секоја партија“, истакнува Костовски, додавајќи дека иницијативата не треба да се гледа како поделба, туку како обид за обединување на граѓаните кои ја сакаат државата.
Во својата објава, тој посочува и дека правото и правдата мора повторно да бидат темел на функционирањето на државата.
„При мртва правда, надежта умира“, наведува Костовски, најавувајќи дека во колумната со наслов „Македонија на крстопат – време е да ја вратиме државата“ подетално ќе ги образложи причините за неговото враќање во политиката и визијата што ја предлага.
Трифун Костовски во минатото беше пратеник од редовите на Социјалдемократски сојуз на Македонија, а потоа и градоначалник на Скопје во периодот од 2005 до 2009 година.








