Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, упати остри забелешки до Словенија во врска со начинот на кој ги прикажува трошоците за одбрана. Тој ја обвини Словенија дека вештачки ги зголемува податоците со цел да го постигне договорениот праг од два проценти од бруто домашниот производ (БДП). Во писмо испратено до техничкиот премиер Роберт Голоб на почетокот на мај, Руте истакна дека ниските издвојувања за одбрана „ја поткопуваат колективната безбедност“ во време на криза.
Според информациите што Словенија ги поднела до НАТО, земјата за 2025 година планира да издвојува 2,01 проценти од БДП за одбрана, што е значителен раст во однос на претходните години. Сепак, според проценките на Алијансата, дел од тие средства не се вклучени во официјалната дефиниција за одбранбени трошоци. НАТО верува дека реалните трошоци за одбрана во Словенија изнесуваат околу 1,6 проценти од БДП, што е приближно 300 милиони евра помалку од објавеното.
Во неговото писмо, Руте побарал Словенија да обезбеди итно повеќе средства за одбраната и да ги вклучува само официјално признатите одбранбени трошоци во своите пресметки. Од кабинето на премиерот Голоб потврдиле дека ја примиле пораката и нагласиле дека сегашната влада обезбедила најголемо финансирање за одбрана досега, со што, како што тврдат, по првпат се исполнува обврската за два проценти од БДП.
Словенечката влада укажа на тоа дека постојат различни толкувања за тоа што се смета за безбедносна инвестиција, истакнувајќи дека вложувањата во критична инфраструктура, сајбер-безбедност, енергетска сигурност и воена мобилност исто така спаѓаат во тој контекст. Според словенечката резолуција за развој на армијата, земјата планира да ги зголемува издвојувањата за одбрана, со цел до 2030 година да достигне три проценти од БДП.








