Meta почна глобално да ги воведува новите претплатнички планови за Facebook, Instagram и WhatsApp. Станува збор за опционални „Plus“ претплати, што значи дека основното користење на апликациите не се укинува, но дел од дополнителните функции ќе бидат достапни само за корисници што ќе плаќаат месечна претплата.
Facebook Plus и Instagram Plus ќе чинат 3,99 долари месечно, додека WhatsApp Plus ќе се наплаќа 2,99 долари месечно. Од Meta посочуваат дека овие планови не ја заменуваат Meta Verified, туку ќе постојат како посебна опција за корисници што сакаат повеќе алатки за персонализација, прегледи и интеракција.
Претплатниците на Facebook Plus и Instagram Plus ќе добијат дополнителни можности за Stories, како напредни статистики, подолги објави од стандардните 24 часа, повеќе прилагодени листи на публика и преглед на Stories пред објавување. Се најавуваат и додатоци како посебни реакции, прилагодени икони на апликации, нови фонтови за профили и повеќе закачени објави.
WhatsApp Plus, пак, носи повеќе опции за прилагодување на апликацијата, меѓу кои нови теми, посебни мелодии за повици, повеќе закачени разговори и дополнителни пакети со стикери.
Новите планови доаѓаат во момент кога Meta инвестира огромни суми во вештачка интелигенција и бара нови извори на приходи надвор од рекламирањето. Компанијата истовремено тестира и претплати за Meta AI, како и посебни планови за креатори и бизниси.
Но корисниците не ја пречекаа новината со аплауз. На социјалните мрежи се појавија реакции од типот „никој не го бараше ова“, „вие треба нам да ни плаќате затоа што ги користите нашите податоци“ и „збогум, Meta“. Дел од коментарите се потсетник дека големите платформи одамна не се само апликации, туку инфраструктура за комуникација, работа, информирање и секојдневен живот.
Прашањето затоа не е само дали 3 или 4 долари месечно се многу. Прашањето е до каде ќе оди моделот во кој платформите прво создаваат навика, потоа зависност, а на крај почнуваат да наплаќаат за подобра верзија на искуството што некогаш било дел од „бесплатниот“ интернет.








