Денес на дневен ред, по скратена постапка, имаме закон за задолжување на државата во износ од 260 милиони евра кај комерцијални банки. И уште на самиот почеток би сакал да истакнам дека најодговорниот човек во државата, кој треба денеска да биде тука во Собранието и да објасни не само пред народните избраници, туку и пред македонските граѓани по однос на овој заем – денеска го нема тука во Собранието, рече Митко Трајчулевски од СДСМ.
„Тоа е министерката за финансии, која држеше беседи и делеше покани преку Фејсбук по однос на разрешување на одредени прашања и објаснувања. Меѓутоа денеска гледаме како таа гордо, комитски избега од оваа седница, каде што треба да се дадат клучните одговори на прашањата кои ги загрижуваат граѓаните, затоа што денес зборуваме за народни пари, односно за пари на граѓаните“, рече тој.
Тој го спомена кредитот од Унгарија наменет на стари долгови – 500 милиони, 250 милиони за општините и 250 милиони за компаниите.
„Од 250 милиони за општините, според податоците кои ни се достапни, имаме реализација од околу 20%, што значи дека парите се веќе потрошени, меѓутоа компаниите за сработени работи ќе треба да чекаат година, две, три за да си ги земат парите, ако воопшто си ги земат. И втората работа – 250 милиони кои беа наменети за компаниите како кредитна линија. Не успеавме да дознаеме ниту од Министерството за финансии, ниту од отчетната и транспарентна министерка, кои се компаниите што добиле кредити, за какви проекти ги добиле тие кредити и кои се индикаторите по однос на кои ќе се мери дали таа кредитна линија била успешна. Затоа што на крајот на денот се работи за средства кои се субвенционирани од страна на државата, односно од парите на граѓаните, и граѓаните имаат право да знаат кој ги добил тие средства, за каков вид проекти и како тие средства се потрошени“, рече Трајчулевски.








