Се помалку родени деца, се постаро население. Младите од земјава масовно се иселуваат. Ова го покажуваат меѓународни извештаи, според кои државата веќе неколку години бележи намалување на бројот на жители. Статистиката на worlometer нотира дека Македонија моментално има 1,8 милиони граѓани, а според проценките до 2050 година, ако трендот продолжи во земјава ќе останат 1,5 милиони. Анализата пресметала и дека само за една година државата изгубила 10 илјади жители.
Просечната старост во земјава е 41 година, што е двојно повеќе од педесетите години на минатиот век кога просечната старост на населението била 20 години. Истиот извештај како проблем го поставува и нискиот фертилитет, односно 1,47 деца по жена што е далеку под потребното ниво за природно обновување на населението.
Клучен фактор за демографската криза останува иселувањето. Податоците покажуваат негативна миграција – се повеќе млади и работоспособни луѓе ја напуштаат државата, што според познавачите го намалува и бројот на раѓања и создава недостиг на работна сила.
Слична е состојбата и во Европа. Се помалку деца, се поинтензивна миграција. Последните бројки на Евростат укажуваат дека во последната година, Унијата брои 451 милион жител што е за еден милион повеќе од претходната година. Статистиката покажува дека во пет земји на Унијата живеат 66 насто од населението. Најнаселени се Германија, Франција, Италија, Шпанија, и Полска, додека најмалку луѓе живеат во Малта, Луксембург и Кипар.
Просечната возраст на европејците е речиси 45 години. Најстара популација има во Италија, додека Ирска важи за земја на младите. Освен тоа, ЕУ се соочува и со ниска стапка на фертилитет само 1,34 деца по жена, што според познавачите се должи на фактот дека просечната возраст за прво дете е речиси 30 годишна возраст. Миграцијата останува главен двигател на растот на населението. Само во 2024 година, речиси шест милиони луѓе се доселиле во земјите на ЕУ, од кои најголем дел доаѓаат од држави кои не се дел од големото селејството. Најмногу имигранти примиле Шпанија и Германија.








