Непознат подносител пријавил во Антикорупциска дека поранешни членови на Управниот одбор на АД ТЕЦ „Неготино“ и по припојувањето кон АД ЕСМ, наводно продолжиле во работен однос во компанијата без да бидат избрани преку јавен оглас, како што предвидуваат правилата за вработување во државни друштва.
Според наводите, тие ја оправдувале својата позиција со менаџерски договори, врз основа на кои им било овозможено да останат во компанијата или да се вратат на претходни работни места. Дополнително,во пријавата до ДКСК, се наведува дека добивале и дополнителни финансиски надоместоци (апанажа) во висина до 12 плати, покрај редовната месечна плата.
„ Тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори. По разгледување на документацијата, ДКСК утврди дека наводите се потврдуваат и согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси, против пријавените лица ќе иницира постапка до надлежен орган – информираше челнот на Комисијата, Сервет Демири, кој заедно со останатите членови донесоа едногласна одлука за поднесување пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на Управен и Надзорен одбор на АД ТЕЦ Неготино.
По проверка на документацијата, ДКСК утврди дека наводите се основани и најави иницирање постапка пред надлежното јавно обвинителство против поранешните членови на Управниот и Надзорниот одбор на АД ТЕЦ „Неготино“.
Според достапните информации за сопственичката стурктура на ТЕЦ Неготино, пред присоединувањето одборите имале десет членови, пет во Управниот и исто толку во Надзорниот одбор. Директор бил Небојша Стојановиќ осомничен во случајот Адитив. Неговото име се спомнува во обвинението против поранешната претседателка на Антикорупциска, Татијана Димитровска, на која и се суди дека токму нему му оддавала службени тајни за предмет поврзан со неговата имотна состојба.
Заедно со Димитровска на обвинителна клупа за оддавање службена тајна е и Билјана Петровска-Мантева, сега вработена во АД Електрани на Северна Македонија, како самостоен референт за плаќање, а порано била член на управниот одбор на ТЕЦ Неготино.
Термо електраната деновиве е актуелна по запирање на истрагата за набавките на мазут за време на енергетската криза од 2021 до 2023. ЕСМ вложи приговор, а Вишото јавно обвинителство ќе донесе одлука чии аргументи ќе претежнат, тие на обвинителката Катерина Коларевиќ која поради недокажување на штетата ја затвори истрагата или на компанијата од каде велат дека од кај нив не било побарано мислење за финасиската штета која е во висина од 167 милиони евра.
ТЕЦ Неготино според планот за 2023, набавките за мазут ги правела од РКМ на Ратко Капушевски, кој подоцна стана партнер со Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и близок со Пуцко Петрол. Снабдувачот во тој период прикажувал повеќемилионски добивки и огромни приходи, а подоцна тројцата беа опфатени во кривичната пријава за мазутот поднесена од МВР. (П.А.)








