домаМакедонијаАко се откупуваат по 50, доматите треба да се продаваат по 70,...

Ако се откупуваат по 50, доматите треба да се продаваат по 70, а не по 150 денари за килограм

- Advertisement -spot_img

Големата разлика меѓу откупните и малопродажните цени на земјоделските производи повторно предизвика револт кај земјоделците. Тие реагираат дека додека производителите едвај ги покриваат трошоците за производство, трговците остваруваат огромна заработка, продавајќи ги производите по двојно повисоки цени на зелените пазари и во маркетите. Според земјоделците, доматите моментално, на големо, се откупуваат по 50 денари за килограм, додека во маркетите и на тезгите достигнуваат цена од 130 до 150 денари, зависно од видот. Слична е состојбата и со пиперките, кои се откупуваат по 100 денари, а до крајните потрошувачи стигнуваат по цена од 160 денари за килограм. Оризот, пак, од производителите се купува по 80 денари, а во продавниците се продава по околу 120 денари.

– Ние се мачиме цела година: садиме, наводнуваме, прскаме, береме и носиме на пазар, а на крајот некој друг заработува – велат земјоделците.
Тие посочуваат дека секоја година се соочуваат со истиот проблем и дека недостигот на контроли и инспекции им овозможува на посредниците енормно да ги зголемуваат цените.

Земјоделците бараат институциите да преземат мерки за поголема контрола на трговските маржи и за заштита на домашното производство. Според нив, доколку продолжи ваквата практика, сè повеќе производители ќе се откажуваат од земјоделството, а граѓаните ќе плаќаат сè поскапа храна.

– Постои огромна разлика меѓу цените по кои земјоделците ги продаваат своите производи и цените што ги плаќаат граѓаните на крај. Овој проблем со високите маржи и со нерамномерната распределба на заработката е присутен со години и сериозно ги погодува и производителите и потрошувачите. Земјоделците вложуваат труд, време и средства, а на крајот често остануваат со минимална заработка или работат со загуба, додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени на основните производи. Потребни се конкретни мерки за регулирање на пазарот и поголема контрола врз откупните и продажните цени, со цел да се спречат ценовни шокови и злоупотреби. Неопходно е да се воспостави фер однос во целиот синџир на продажба за и производителите и потрошувачите да бидат заштитени. Вака како што стојат работите, најголем профит имаат откупувачите и посредниците, земјоделците се во загуба, а граѓаните плаќаат високи цени поради лошите и неефикасни земјоделски политики – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.
Сметаат дека е потребна многу поголема контрола од државните инспекциски служби, бидејќи во моментов не се знае ни кој добива ни кој плаќа во целиот синџир на откуп и продажба. Потребно е инспекторите постојано да бидат на терен и навремено да ги откриваат неправилностите, односно јасно да се утврди по која цена се откупуваат земјоделските производи, а по која цена подоцна се продаваат. Само со поголема контрола и транспарентност може да се спречат манипулации со цените и да се заштитат и земјоделците и граѓаните.

– На зелените пазари веќе речиси и да нема вистински земјоделци, најголем дел се прекупци и трговци. На сто продавачи, едвај еден е вистински производител, тоа е реалната состојба во државата. Поради тоа, цените драстично се зголемуваат од нива до тезга, а најголемиот товар повторно паѓа врз граѓаните. Ако производствената цена на доматите е 50 денари, реално е тие да се продаваат за околу 70 денари за килограм, а не да достигнуваат 150 денари. Очигледно е дека некој во синџирот прави огромни маржи на грбот на земјоделците и на потрошувачите – вели Велков.
Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа смета дека клучен проблем во земјоделскиот сектор е недостигот на јасна и функционална регулатива, која ќе ги уреди односите меѓу производителите, откупувачите и трговците.

– Потребно е да се донесе посебен закон со кој ќе се утврдат производствените цени за секој земјоделски производ, на кои ќе се додаде фер заработка за земјоделците од околу 30 отсто, како и ограничена трговска маржа од околу 10 отсто. Само на тој начин може да се формираат реални и стабилни цени, кои ќе бидат фер и за производителите и за потрошувачите – вели Максимов за весникот ВЕЧЕР.
Тој нагласува дека е неопходно и зајакнување на инспекциските контроли, со цел да се намали сивата економија и да се направи јасна разлика меѓу вистинските земјоделци и прекупците на зелените пазари.

Според него, увозот не е нужно поевтина опција, бидејќи и во земјите од регионот како Албанија, Турција и Грција производствените цени се слични, но разликата е во тоа што таму постојат посилни државни контроли и поголема институционална поддршка за земјоделството.

Во меѓувреме, граѓаните сè почесто реагираат дека постојано растат цените на овошјето и на зеленчукот. Дел од нив купуваат во маркетите само кога има акции, додека на зелените пазари одат од тезга до тезга во обид да најдат пониски цени.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img