домаМакедонијаЗавршиле ли државни тајни кај странски служби?

Завршиле ли државни тајни кај странски служби?

- Advertisement -spot_img

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со месеци води предистражна постапка за сомнежи поврзани со шпионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, откако бил отворен случајот по пријавување од МВР. Во рамките на истрагата се одземени и се анализираат компјутери и мобилни телефони, а побарани се и снимки од безбедносните камери, кои сѐ уште не се доставени до Обвинителството. МВР, пак, тврди дека постапува по судските и обвинителските наредби и дека се работи на обемен електронски материјал, при што анализата е во завршна фаза и наскоро ќе биде доставен целосен извештај до Обвинителството. Во меѓувреме, во јавноста се појави анонимна кривична пријава со сериозни наводи за шифрирање и евентуално пренесување доверливи податоци кон странски служби. Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како политички мотивирани конструкции и напади од „структури од минатото“. Додека институциите меѓусебно ги усогласуваат наодите, останува клучното прашање дали навистина постоело одавање државни тајни или станува збор за случај без кривична основа, чија разрешница сѐ уште се чека.

Дали биле извлекувани доверливи државни информации од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и дали можеле да завршат тие кај странски разузнавачки служби? Речиси пет месеци по отворањето предистражна постапка, одговор на тоа прашање сѐ уште нема.

Иако уште во декември минатата година била отворена предистражна постапка и биле преземени повеќе истражни дејства, надлежната обвинителка, која деновиве е во центарот на вниманието за случајот со мазутот, Катерина Коларевиќ, сѐ уште ги нема добиено конечните резултати од анализите на одземената компјутерска и телефонска опрема, ниту, пак, видеоснимките од безбедносните камери во и околу Кабинетот на претседателката.

Од ОЈОГООК велат дека предметот бил оформен на 18 декември 2025 година, по известување од МВР – Сектор за компјутерски криминал, а се однесувал на настан од 24 ноември таа година и „индиции за недозволени активности од висок државен интерес“. Веднаш била побарана судска наредба за проверка на информативниот систем во Кабинетот на претседателката за да се утврди дали неовластено биле копирани или извлекувани доверливи податоци. Истражителите одзеле компјутери и лаптопи од Кабинетот, по што тие му биле предадени на МВР за вештачење и анализа.

Паралелно, обвинителката побарала и снимки од безбедносните камери за периодот кога се случил спорниот настан, со цел да се утврди кој имал пристап до компјутерскиот систем и дали биле изнесувани чувствителни информации.

На 30 декември 2025 година, Обвинителството испратило и официјална наредба до Секторот за компјутерски криминал за анализа на веќе извлечените електронски податоци. Но, истрагата дополнително се комплицирала кога Кабинетот на претседателката го известил Обвинителството дека не располага со копии од видеонадзорот. Било посочено дека бил набавен системот преку Службата за општи и заеднички работи – СОЗР, додека со снимките управувало МВР. Потоа Обвинителството се обратило и до СОЗР и до МВР за итно обезбедување на снимките. Од СОЗР одговориле дека тие биле задолжени само за набавка на опремата и не чуваат видеоматеријали, туку тоа е надлежност на МВР. Сепак, според Обвинителството, МВР до денес не доставило ниту снимки ниту информација дали се преземени активности за нивно обезбедување.

Во март годинава, МВР испратило само делумен извештај поврзан со пристапот до криптирани податоци од компјутерската опрема. Истовремено, до Обвинителството биле доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот вработен, кој раководел со информатичкото одделение во Кабинетот на претседателката. По ова, обвинителката Коларевиќ наредила дополнителна анализа на телефоните, како и споредба на податоците добиени од нив со материјалите извлечени од компјутерите.

На 25 март 2026 година, до МВР била испратена нова наредба – за детална анализа на сите електронски податоци и за проверка како е постапено по судската наредба за увид во информативниот систем на Кабинетот на претседателката.

Но, и покрај чувствителноста на случајот и можните безбедносни импликации, од Обвинителството велат дека до денес немаат добиено конечни извештаи, ниту докази од МВР за преземените активности.

МВР: Анализата е во завршна фаза, доказите наскоро ќе бидат доставени до Обвинителството

Од друга страна, МВР тврди дека постапува по наредбите на Обвинителството и дека анализата е во завршна фаза.

– Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе постапува по две наредби добиени од ОЈО ГОКК, доставени на 12.2.2026 и 25.3.2026 година, со кои се бара анализа на електронски доказен материјал. Во тек е анализа на сите електронски докази што се екстрахирани од одземената опрема. Станува збор за поголема количина електронски доказен материјал за кој е потребен подолг временски период. Анализата е во завршна фаза и во наредниот период целокупниот доказен материјал ќе биде доставен до ОЈО ГОКК – велат од МВР.

Случајот се отвори во јавноста откако се објави во Слободен печат дека била доставена анонимна кривична пријава до Обвинителството, потпишана од „група вработени во МВР“. Во пријавата се тврдело дека во Кабинетот на претседателката биле копирани и шифрирани доверливи податоци, кои наводно требало да завршат кај странски разузнавачки служби. Под сомнение, според наводите, бил ИТ-администратор од Кабинетот на претседателката, кој наводно копирал, енкриптирал и складирал доверливи материјали. Во пријавата се споменувале и други лица од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, како и сомнежи за можно прикривање на доказите и притисоци случајот да биде затворен. Подносителите на пријавата барале форензичко вештачење на целата електронска опрема, проверка на видеонадзорот, ВПН-записите, електронската комуникација, пристапните листи, како и проверка дали евентуално биле компромитирани класифицирани информации и НАТО-комуникации.

Мицкоски: Аферата ја шири „шпионски талог и глодачи од минатото“

Премиерот Христијан Мицкоски, кој во минатото тврдеше дека лично тој, додека бил во опозиција, бил следен од разузнавачки служби, жестоко ги отфрли наводите за аферата во претседателскиот кабинет, оценувајќи дека станува збор за политички конструкции.

– Тоа се шпионски талог на структури од минатото што се наоѓале во кабинетите како глодачи на некои поранешни политичари, претседатели, премиери… Тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителствата. Јас не би ги коментирал овие глодачи бидејќи мислам дека треба да ги заборавиме – изјави Мицкоски.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, до затворањето на весникот, немаше коментар за сомнежите за одавање информации на странски служби.

Според наводите во пријавата и дејствата што досега ги презеде Обвинителството, предистрагата, најверојатно, се води по сомнеж за тешки кривични дела – шпионажа и одавање службена тајна. Аферата од претседателскиот кабинет добива на тежина со сомнежите во јавноста дека информациите протекувале кај странски безбедносни служби.

Пивоваров: Секое одолговлекување остава простор за прикривање

Поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров предупредува за весникот ВЕЧЕР дека долгото траење на предистражната постапка остава простор за сомнежи и шпекулации, особено кога станува збор за случај поврзан со можна злоупотреба на доверливи државни информации.

– Многу афери со прислушување останаа без разрешница и тоа испраќа порака дека може да се прават вакви работи без последици. Начелото на ефикасност е основно во вакви случаи. Ако се води предистрагата со месеци, а јавноста не добива одговори, тогаш се отвора простор за шпекулации и сомнежи за прикривање. До такво нешто не смее да дојде – вели Пивоваров.

Според него, клучно ќе биде што ќе покажат форензичките анализи на електронската опрема и дали навистина биле изнесувани чувствителни информации.

– Треба да се утврди дали навистина се изнесени податоци и дали постои закана за државата. Ако е алармантна ситуацијата, можеби, треба да се свика и Советот за безбедност. Особено е важно каква порака ќе се испрати за безбедносните служби ако не успеале навреме да откријат или спречат вакво нешто – оценува Пивоваров.

Тој потсетува дека Македонија е членка на НАТО и предупредува дека евентуално компромитирање доверливи материјали би можело да има последици и врз довербата на сојузниците.

– Ако се работи за информации од висок степен на доверливост, тогаш се поставува прашањето каков партнер сме ние во НАТО. Странските служби секогаш се обидуваат да дојдат до „мекото ткиво“, местото од каде што најлесно може да ги добијат посакуваните информации. Сега истрагата треба да покаже дали токму таму се случил пробивот – додава тој.

Смета дека суштински проблем е недостигот на контрола во институциите.

– Секој систем што нема контрола создава простор за уште поголеми незаконски дејства. Суштината на контраразузнавачките служби е да ги заштитат државните интереси од странски непријателски служби. Прашањето е зошто и по толку афери ништо не се сменило и дали некој навреме реагирал ако постоеле сознанија дека се одаваат тајни информации – вели Пивоваров. (П. А.)

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img