Локалната агенција за спасување соопшти дека спасувачите пронашле две тела во близина на работ на кратерот и потврдиле дека потрагата е во тек, објави Ројтерс.
„Евакуацијата на телата продолжува да биде попречена од континуираните ерупции и лошото време. Околу 150 луѓе со два термални дрона се распоредени од утрово, а потрагата е фокусирана на околу 100-150 метри од работ на кратерот“, изјави претставник на спасувачката служба.
Вулканот Дуконо во покраината Северен Малуку почна да еруптира во петокот, исфрлајќи пепел до 10 километри во воздух.
Властите во саботата потврдија дека индонезиски планинар кој исчезнал е пронајден мртов, но дека 17 лица, меѓу кои седум Сингапурци и 10 Индонезијци, ја преживеале ерупцијата.








