Јавната установа Национален парк „Маврово“, во соработка со Македонската риболовна федерација, изврши порибување на Мавровското Езеро со 2.000 килограми крап.
Од Националниот парк информираат дека станува збор за прва фаза од планираните активности за порибување, кои ќе продолжат и во наредниот период, со цел збогатување и унапредување на рибниот фонд во водите на територијата на паркот.
Активноста се реализира во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое оваа година ќе се одржи на Мавровското Езеро.
Воедно, од денеска стапува во сила забрана за лов на крап, која ќе важи до завршувањето на Светското првенство.
Од Националниот парк апелираат до сите спортски риболовци да ги почитуваат правилата и прописите за риболов и со одговорно однесување да придонесат кон зачувување и збогатување на рибниот фонд.








