При назначувањето на новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова – Чамова, еден значаен факт од нејзината политичка биографија беше изоставен. Таа игра клучна улога во воспоставувањето на преговарачката рамка предложена од француското претседателство со Советот на ЕУ во јуни 2022 година, што му го отвори патот на Скопјe кон членство во ЕУ, објави БГНЕС.
Како заменик-министерка за надворешни работи во кабинетот на Кирил Петков, Велислава Петрова – Чамова учествувала во сите подготвителни преговори, појаснувања и подготовка на финална верзија на таканаречениот „француски предлог“, кој ги премести билатералните спорови на европско ниво. Во тоа време, самиот Петков јавно призна дека не го прочитал документот и дека целосно им верува на експертите во бугарското Министерство за надворешни работи.
„Според постигнатиот договор, кој беше ратификуван од двата парламента, РСМ се обврза да ги вклучи Бугарите во својот основен закон на рамноправна основа со другите нации. Скопје мора да го спроведе Договорот за добрососедство од 2017 година, кој е дел од процесот на мониторинг на ЕУ. Бугарија го признава постоењето на современ македонски јазик како што е формулиран во уставот на РСМ. Во исто време, властите во Скопје се должни да стават крај на говорот на омраза, како и да ги декласифицираат досиејата на злокобните служби од времето на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито“, гласи цитатот на БГНЕС.
Бугарскиот парламент гласаше со големо мнозинство – 170 гласови „за“ – одлука со која владата доби мандат да ја одобри преговарачката рамка. Во Северна Македонија, по тридневна дебата, парламентот во Скопје ги усвои заклучоците за францускиот предлог со 68 гласови „за“.
На 19 јули 2022 година, во Брисел се одржа првата политичка меѓувладина конференција, со која симболично започнаа преговорите. Сепак, преговорите во суштина (отворањето на кластери) се блокирани бидејќи Македонија сè уште, како што пишува БГНЕС, не го исполнила главниот услов од предлогот – амандманот на Уставот.








