Следната недела ќе ги дознаеме деталите за новиот телефон Sony Xperia 1 VIII и камерата Sony A7R VI, вклучувајќи ги спецификациите, датумот на почеток на продажба и очекуваните цени во Европа.
Секојпат кога ќе прочитаме најава за нов телефон од Sony си помислуваме – зар сè уште не се откажале! И навистина не се – Sony Xperia 1 VIII пристигнува на 13 мај. Јапонската компанија и официјално го најави датумот на премиерата, како и истовременото лансирање во неколку земји.

Компанијата најави нов настан со мистериозна порака за доаѓањето на „нов круг на брилијантност“. Се очекува претставување на новиот флегшип телефон Sony Xperia 1 VIII, а покрај него ќе пристигне и високорезолуциската full-frame камера Sony A7R VI. Заедно со неа ќе биде претставен и новиот објектив од 100-400mm f/4.5 GM.
Нов дизајн и унапредени камери
Sony Xperia 1 VIII носи промена во дизајнот, која најмногу се истакнува преку квадратниот модул за камерата. Куќиштето на уредот ќе биде малку пошироко и подебело во споредба со претходниот модел.

Гласините укажуваат дека новиот телефото сензор ќе биде со големина помеѓу 1/3.0 и 1/2.0 инчи. Камера системот ќе вклучува и ултраширокоуголна камера од 16 милиметри, како и широкоуголна камера од 24 милиметри. Од Sony исто така ветуваат батерија која може да трае два дена. Ова навистина се спецификации што ретко ги среќаваме. Јапонците отсекогаш биле познати по специфичните и квалитетни камери на телефоните.
Цена и достапност на Xperia 1 VIII
Според информациите што протекоа, Sony Xperia 1 VIII би можел да се појави во продажба на 26 јуни. Цената на германскиот пазар ќе изнесува 1.869 евра, додека во Велика Британија се очекува цена од 1.728 фунти.

Овие цени потврдуваат дека Sony и понатаму ги позиционира своите флегшип модели во највисоката премиум класа. Официјалната потврда на сите спецификации се очекува на самиот настан за претставување. Она што е сигурно е дека телефонот најверојатно нема да се појави кај нас. Го немаше ниту претходниот модел, што е вистинска штета, бидејќи телефоните на Sony навистина се специфични и посебни во секој поглед.
Погледнете ја најавата на официјалната Instagram страница на Xperia.








