Сомнежите за злоупотреба на боледувањата го натераа Фондот за здравствено осигурување да разгледа измени во правилникот. Директорот на Фондот, Сашо Клековски, вели дека контролите во институциите се значително засилени и двојно зголемени во споредба со минатата година, при што најголем број барања за контрола пристигнале од Министерството за одбрана.
„Контролите за нас се и поука каде постојат слабости во системот. Продолжуваме и оваа година, а сега имаме и зголемено барање од Министерството за одбрана. Целта е систематизирање на проблемот“, изјави Клековски.
Тој додава дека се прават анализи за подобрување на системот и дека е формирана работна група за измени на правилникот за боледувања, во консултација со матичните лекари.
„Целта не е ограничување на оправданите боледувања, туку спречување на злоупотребите, со цел да се заштитат оние на кои навистина им е потребно. Потребна е и поголема дигитализација за поголема ефикасност и транспарентност“, истакна тој.
Од Фондот информираат дека се разгледува и можноста породилното отсуство да се продолжи на 12 месеци, по примерот на некои земји во регионот, но дека претходно ќе се направат финансиски анализи, бидејќи надоместокот изнесува 100% од платата.
Во однос на доцнењата со исплатите, Клековски упати извинување до родилките и посочи дека се работи на воведување на стандардизирана и дигитална пресметка, со цел да се избегне рачно обработување на податоците.








